Објавата на Зеленски е поткрепена со видео од сето она што се случувало изминатите три години, од руски напади и предизвиканите оштетувања, освојување територии, живот во засолништата, протести за поддршка на земјата, па се до настапи на украинските спортисти на светски натпреварувања

Три години отпор. Три години благодарност. Три години апсолутно херојство на Украинците. Горд сум на Украина, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.
Објавата на Зеленски доаѓа на тригодишнината од руската инвазија на Украина.
Тој во објавата се заблагодарува на сите што ја бранат и поддржуваат Украина и на сите што работат за неа.
„И нека е вечен споменот на сите што ги дадоа своите животи за нашата земја и народ“, вели Зеленски.
Објавата на Зеленски е поткрепена со видео од сето она што се случувало изминатите три години, од руски напади и предизвиканите оштетувања, освојување територии, живот во засолништата, протести за поддршка на земјата, па се до настапи на украинските спортисти на светски натпреварувања.
Денеска во Киев ќе престојуваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 член на Европската комисија, предводени од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен. Целта на посетата е да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода, три години од почетокот на руската инвазија врз земјата.
Во пресрет на годишнината од стартот на руската агресија врз Украина, вчера на јарболите пред седиштата на Европската комисија и на Европскиот парламент во Брисел, покрај европските беа истакнати и украински знамиња.