Говорејќи на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе, министерката Тренчевска посочи дека од вкупно деветте жртви на трговија со луѓе регистрирани претходната 2022 година, во шест случаи станувало збор за присилен брак, а во два за сексуална експлоатација, од кои едниот бил преку интернет
Девет жртви на трговија со луѓе, од кои осум женски и едно машко лице се идентификувани минатата 2022 година, а најголемиот број од нив се деца на возраст од 14 до 17 години, соопшти министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, пренесува МИА.

Говорејќи на денешната регионална конференција посветена на спречувањето и борбата против трговијата со луѓе, министерката посочи дека најголемиот број од случаите се идентификувани како присилен брак, каде што има шест лица, а во два случаи станува збор за сексуална експлоатација, од кои едниот бил преку интернет.
Во текот на оваа година, како што информираше Тренчевска, три девојчиња биле жртва на сексуална експлоатација.
На жртвите на трговија со луѓе, според министерката, мора да им се пружи подобра заштита и помош, за што, како што рече, постојат повеќе услуги за поддршка, регулирање на нивната состојба и помош за нивно закрепнување.
Центарот за жртви на трговија со луѓе соодветно функционира со целосен капацитет за згрижување на шест лица, рече таа.
Министерката за труд и социјална политика повика на заедничка акција на земјите од регионот во борбата против трговијата со луѓе, бидејќи станува збор за транснационално организиран криминал.
„Трговијата со луѓе претставува сериозна повреда на човековите права и претставува закана за слободите и безбедноста на секое општество. Нашата држава и земјите во регионот често играат улога во секоја од фазите на трговијата со луѓе, како земја на потекло, транзит или дестинација. Би сакала да ги изразам искрените поздрави до земјите во регионот, да ја истакнам потребата од заедничка, обединета акција против трговијата со луѓе која е транснационален организиран криминал. Потребна е заедничка акција во која ќе се фокусираме на борбата со една од најтемните реалности во светот денес, во која голем број на жени и мажи, момчиња и девојчиња се заробени“,
рече Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика, додаде таа, ја има зголемено финансиската поддршка за Центарот за лица жртви на трговија со луѓе и во целост ја финансира услугата обезбедена од здружението „Отворена порта“. Поради претрпените длабоки трауми, според Тренчевска, работата на рехабилитација на жртвите не може да биде кратка програма, туку бара долгорочна инвестиција за да се обезбеди помош, поддршка, лекување, обуки неопходни за жртвите да започнат нормален, продуктивен и автономен живот.

Таа инвестиција, додава Тренчевска, мора да вклучува значително проширување и на сместувачките капацитети, безбедно враќање на жртвите на трговија со луѓе во нормален живот. Како клучна компонента таа го посочи спречувањето на нивна повторна виктимизација, а тоа бара координиран одговор на државните актери, агенциите за спроведување на законот и организациите на граѓанското општество на засегнатите земји, како и соработка на меѓународните инстанци.
„Во овој период се работи на ревидирање на стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе со цел унифициран приод на сите вклучени актери од идентификација до реинтеграција и враќање на жртвите во безбедна средина. За сето да функционира, потребно е да се има сензитивни и едуцирани професионалци кои посветено ќе работат на проблематиката. Поради тоа се посвети внимание на градење на капацитетите на социјалните работници и трудовите инспектори кои беа вклучени во голем број обуки, а во овој период се вклучува и здравствениот сектор. Може да кажеме дека работата на превенција и заштита на трговија со луѓе треба да ни претставува приоритет“,
кажа министерката за труд и социјална политика.
Навременото откривање на можноста некое лице да биде вовлечено во трговија со луѓе е основа за првовремена интервенција со цел да се спречи експлоатацијата и да се обезбеди навремена поддршка, потенцира Тренчевска.
Според министерката, постигнат е значителен напредок во идентификацијата и справувањето со многу од социјалните, економските, културните и политичките фактори кои ги прават луѓето ранливи на трговија со луѓе. Напредок, додаде Тренчевска, има и во формулирањето на сеопфатни политики и програми и во развојот на едукативни кампањи за подигање на свеста.
„Воспоставивме пет мобилни тимови во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани, вклучително и жртви на трговија со луѓе. Во составот на мобилните тимови има претставници на центрите за социјална работа, претставници на Министерството за внатрешни работи, на Националната единица за борба против трговија со луѓе и претставници на здруженијата граѓани. Овие тимови во текот на нивната работа постигнаа извонредни резултати и се признати како добар пример не само во нашата држава туку и во регионот“,
рече Тренчевска.