Ердоган рече дека Турција ќе направи сè што е потребно за да испрати жито во сиромашните земји и додаде дека за тоа веќе се договориле
Три часа траеше денешната средба во Сочи помеѓу рускиот и турскиот претседател, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Путин оцени дека таа поминала во конструктивна и деловна атмосфера, а според изјавите, главна тема бил договорот за жито.
Путин по средбата повтори дека Русија ќе биде подготвена да се врати на договорот за жито за транспорт преку Црното Море кога ќе бидат исполнети сите услови релевантни за договорот и кога Западот ќе ги исполни своите обврски да го олесни извозот на руската земјоделска стока.
Путин ги повторил претходните критики на Западот за договорот, од кој Русија се откажа во јули.
Турскиот претседател Ердоган верува оти наскоро може да се најде решение со посредство на Обединетите нации (ОН) за заживување на договорот за извоз на жито и нагласи дека Анкара е против алтернативни предлози.
„Алтернативните предлози што се ставени на дневен ред не можат да понудат одржлив, безбеден и постојан модел заснован на соработка меѓу страните како што е иницијативата преку Црното Море“,
рече Ердоган во заедничкото појавување на медиумите со Путин во Сочи.
Ердоган рече дека Турција ќе направи сè што е потребно за да испрати жито во сиромашните земји и додаде дека за тоа веќе се договориле.
Според него, „Украина треба да ја омекне својата позиција кон Русија во однос на договорот за жито“.
„Разговаравме за земјоделството, туризмот, финансиите, енергијата и други прашања“,
додаде Ердоган.
Рускиот претседател, пак, додаде дека Русија е блиску до финализирање на договорот за обезбедување бесплатно жито на шест африкански земји и дека ќе испорача еден милион тони евтино жито во Турција за преработка и испорака до сиромашните земји.
Во однос на други прашања, Путин спомена дека се разговарало за заеднички проекти за гас и енергија, а и оти двете земји ја зголемуваат употребата на националните валути на сметка на доларот и еврото во меѓусебните плаќања, додавајќи дека до септември оваа година Русија ѝ доставила на Турција повеќе од 10 милијарди кубни метри гас, а на „Газпром“ му е презентиран патоказ за изградба на гасен центар од Анкара, пренесуваат странските агенции.