Деловните заедници ќе одлучуваат за трговските марки согласно Договорот од Преспа, а меѓународната експертска група ќе им помага со насоки, дали излегуваат или се во рамки на меѓународното право и на правата од оваа област на двете држави.
Вака Ѓорѓи Филипов, шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци смета дека ќе се движи решавањето на проблемот кој се покрена во јавноста откако грчкиот премиер минатиот месец ја промовира „Macedonia GReat“ како трговска марка под која ќе се продаваат во светот грчките производи со потекло од областа Македонија.
„Прашањето околу трговските марки предизвика можеби многу повеќе политички интерес, а нема потреба од тоа, бидејќи точно се работи за деловен проблем, што треба да заврши со договор. Крајната цел е да нема конфузија меѓу потрошувачите дали купуваат од Грција или од Северна Македонија“, кажа Филипов кој вчера на оваа тема дебатираше со претставниците на Стопанската комора.
Смета дека дел од стопанствениците немаат доволно познавања за ова и не го сметаат за прашање од нивен домен, иако во Договорот член 1.3.ж, стои дека деловните заедници се тие што треба да ги разрешат во крајна инстанца тие прашања, а меѓународната група на експерти е тука да им помага сето тоа да се одвива согласно меѓународното право.
„Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија за прашањата кои произлегуваат од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и на меѓународно ниво“, пишува во членот.
Од Стопанската комора велат дека околу трговските марки засега единствена адреса е експертската комисија, бидејќи ваквата комисија на ниво на коморите е во фаза на формирање.
На 15 ноември, Мицотакис присуствуваше на презентацијата на слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело- сина позадина.
„Се обврзав дека ќе се справиме со негативните последици од Договорот од Преспа, поддржувајќи ги професионалните групации од Северна Грција за да се воспостават унифициран колективен идентитет, кој ќе ги раздвојува производите што се произведуваат отсега понатаму на македонската почва. Верувам дека овој софистициран знак, претставен денеска и кој веднаш ќе биде доставен до Европската канцеларија во Аликанте, ја постигнува оваа цел, рече тогаш Мицотакис појаснувајќи дека тој ги покрива сите три региони: Источна Македонија, Централна Македонија и Западна Македонија, додавајќи дека овој „идентитет упатува и на минатото, но и отвора пат за пооптимистичка посветла иднина“.
Но, досега не постои ваква пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол), вели Филипов.
Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање.
Филипов посочува дека сега Репубика Северна Македонија е единствена држава во светот која го содржи името Македонија и сме во малку поинаква позиција, веќе немаме референца, туку имаме многу поголеми права.
„Во земјава има околу 3.200 фирми што содржат зборот Македонија, во Грција бројката е околу 3.500 на таквите компании. Ако деловните заедници постигнат договор, тогаш нема да има забуна на пазарот нема да им пречи ниту на потрошувачите, тоа е основното. Нема да биде наметнато ништо со сила, туку со заемна соработка и заеднички договор на деловните заедници“, рече тој.
Според податоците на Државниот завод за индустриска сопственост, македонските компании имаат меѓународно регистрирани 344 трговски марки, а само пет го содржат името Македонија. Меѓународно регистрирани македонски географски ознаки има вкупно пет и тоа: македонски ајвар, кривопаланечки мед, дисан, кочански ориз и охридски бисер. За сите идни користења на името Македонија, како дел од имињата за комерцијална намена, трговските марки и заштитните знаци, согласно Спогодбата од Преспа, ќе решава меѓународната група на експерти, која има рок три години, односно до крајот на летото 2022. Од отпочнувањето на работата, практично се поминати 4-5 месеци. Статистиката покажува дека трговската размена меѓу Грција и С.Македонија во првите девет месеци од годинава е зголемена за десет отсто.