Претставувајќи ја како една од најмасовните акции, на крајот на 2007 година МВР започна со апсења во случајот „Змиско око“, а денеска, по 13 години, по третпат беше соопштена првостепена пресуда за 46 лица во Основниот кривичен суд во Скопје. Лицата се гонеа дека формирале злосторничко здружение кое не издавало фискални сметки за патарини, а парите потоа организирано ги делеле.
Претходно, Апелација двапати ја укинуваше пресудата од Кривичен и го враќаше случајот на повторно судење.
Денеска, соопштија од Основниот кривичен суд, со пресудата за 46 лица, четворица добиле ослободителна пресуда, а 42 условни казни.
Тие се товареа за злосторничко здружување и за злоупотреба на службената положба, а ослободителната пресуда и условните казни се однесуваат на второто дело бидејќи за злосторничко здружување обвинението се отфрли поради апсолутна застареност на делото.
Според соопштението од Кривичниот суд, во однос на условните пресуди: условна казна затвор од две години години која нема да се реализира ако во следните пет не стори кривично дело добило одговорното лице; контролорите на патарините добиле условна затворска казна од една година и шест месеци која нема да се изврши ако во следните три години не сторат кривично дело; сметководителите и инкасаторите, пак, завршиле со условна осуда со казна од една година затвор која нема да се изврши ако во следните две години не сторат кривично дело.
При изрекувањето на пресудата, еден од обвинетите изрекувал пцости кон судечкиот совет за што, најавуваат од судот, ќе покренат постапка.