„До нас пристигнаа податоци од кабинетот на директорот на ‘Пошта‘, каде што се задолжуваат директорите да разделуваат истапници и пристапници, потоа во ‘Водостопанство‘, каде што директорот се заканувал на синдикалните претставници веднаш да да се пренесат членовите во другиот синдикат. Има закани и во Катастар, Национални шуми, каде што директорот фрлал пристапници со закани да се префрлат членовите од ССМ во КСС“, вели претседателот на ССМ
Утре на 2 април, со почеток во 12:05 часот, 300 члена од највисокото раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Синдикатите здружени во ССМ ќе ја отворат јавната седница пред Работничкиот дом, која ќе продолжи пред Собранието, па пред Стопанската комора, а ќе се заврши пред Владата. Ова денеска на прес-конференција го најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, соопштувајќи ги деталите за утрешниот протест на работниците низ улиците на главниот град.

„Пред Собранието ќе испратиме порака дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците. Пред Стопанската комора ќе им порачаме на работодавачите дека подадената рака од работникот денес, може да стане стисната тупаница утре. Протестот ќе го завршиме пред Владата со порака дека не може да се одлучува за работниците, без работниците“,
кажа тој.
Незадоволството што утре ќе го изразат на јавната седница, според Трендафилов, значи дека политиките што ги водат нивните креатори се во погрешна насока и дека се на штета на работниците.
„Не ги зголемуваат платите за да овозможат достоинствен живот на работниците, односно токму на оние од кои тие земаат плата“,
рече првиот човек на ССМ.
Нападите што се прават кон раководството во ССМ, како што рече, нема да променат ништо.
„Колку повеќе нè напаѓате, толку посилни не правите“,
вели Трендафилов.
За нападите кон него и за висината на неговата плата, порача дека и со 60 илјади денари плата и со 300 илјади денари ќе бара 500 евра минимална плата за работниците во Македонија и 100 евра зголемување на платите на сите други работници.
„Дали ви личи дека ми е грижа за вашето мислење за мене. Владата е против работниците. Владата не се грижи за нив, а последен показател за тоа е зголемувањето на платите во образованието за мизерни седум проценти“,
кажа тој.
Според него, 250 илјади работници во Македонија примаат плата под 32 илјади денари, а 380 илјади работници примаат плата под просечната. Затоа, како што рече, се жестоките напади кон ССМ, со цел да не зголемат платите на овие 380 илјади работници во државата од вкупно 520 илјади приматели на плата.
„Дали ако го нема Слободан Трендафилов и ССМ, сите ќе си живееме среќно и весело. Одговорот е не, а владините функционери да ги тргнат розовите очила со кои гледаат во своите скапи и луксузни кабинети“,
заклучи Трендафилов.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција обвини за упади во синдикалните организации и за притисоци кон работниците да преминат во друг синдикат.
„Тоа што треба да ги загрижи сите со упадите што ни ги прават по синдикалните организации, со нападите на синдикалните претставници, со заканите кон синдикалните претставници за отчленување од ССМ и приклонување кон друг синдикат, иако ниту еден друг синдикат нема поднесено барање за утврдување на репрезентативност, манипулирајќи ги владините претставници. До нас пристигнаа податоци од кабинетот на директорот на ‘Пошта‘, каде се задолжуваат директорите да разделуваат истапници и пристапници, потоа во ‘Водостопанство‘ директорот се заканувал на синдикалните претставници веднаш да ги пренеле членовите во другиот синдикат. Има закани и во ‘Катастар‘, ‘Национални шуми‘, каде директорот фрлал пристапници со закани да се префрлат членовите од ССМ во КСС“,
рече тој.
Посочи дека битката што ја водат поединци во ВМРО-ДПМНЕ со ССМ е зашто не им одговара да се зголемат платите, како и да ги држат работниците во заложништво и сиромаштија, со цел да ги гласаат на избори.
Според него, јавната седница што утре ќе се одржи во Скопје е против одлуката на Владата да ја зголеми минималната плата за само 1 800 денари.
ССМ бара минималната плата да изнесува 30 илјади денари, наместо предложените 24 300 денари.