Пад од илјада денари значи помалку пари во џебот на народот, помалку пари за храна на трпезите, помалку можности, намален квалитет на живот, понизок стандард, рече Тренчевска
Економските политики на Христијан Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ потфрлија и за првпат, после седум години постојан раст, сведоци сме на пад на просечната плата кај нас – намалена е за 1.000 денари, кажа на денешната прес-конференција пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, како што посочи таа, просечната месечна плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар, или за 1.000 денари помалку од платата во месец јуни кога изнесуваше 41.939 денари.
„Ова не е само статистика. Ова намалување на просечната плата ги одразува погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од една страна и претставува удар врз стандардот на граѓаните од друга страна. Пад од 1.000 денари значи помалку пари во џебот на народот, помалку пари за храна на трпезите, помалку можности, намален квалитет на живот, понизок стандард. Политиките на владата потфрлија во клучната сфера, платите на луѓето, токму онаму каде граѓаните најмногу очекуваа и каде најмногу им е потребно“,
рече Тренчевска.
Според Тренчевска, наместо да поттикнуваат раст и зголемување на платите, ВМРО-ДПММНЕ ја враќа политиката од минатото владеење каде работниците беа евтина работна сила.
„Ова намалување на просечната плата е јасен показател дека нивното економско управување не е само несоодветно – тоа е и штетно. СДСМ во изминатите години ја зголемуваше просечната плата во континуитет и во време на кризи и достигна над 41.000 денари. Во времето на ДПМНЕ, во 2015 година, просечната плата изнесуваше само 20.853 денари. Платата постојано растеше со СДСМ со години наназад, во 2020 година просечната плата беше 28.294 денари, во 2022 година беше 34.364 денари а во 2024 година достигна над 41.000 денари. Дојде ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и платите почнаа да паѓаат“,
посочи Тренчевска.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ манипулираат со тврдењата за платите.
„Со ВМРО-ДПМНЕ Македонија оди кон економска трансформација, нови инвестиции, владеење на правото и нови мерки и проекти за подобра иднина. За првпат во историјата на државата пензиите ќе се зголемат за 5000 денари. Ќе растат и платите. Македонија оди напред, а СДС можат само да учат како се работи“,
возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.