Со предлог измените на Законот за минимална плата направена е промена на критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 отсто од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика
Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, кој се носи по скратена постапка, ja помина процедурата на денешната собраниска Комисија за труд и социјална политика. Членовите на Комисијата и од власта и од опозицијата го поддржаа законското решение со кое минималната плата ќе изнесува 18 000 денари нето износ, односно 26,422 денари во бруто износ.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, Владата и Министерството го реализирале даденото ветување, „со што директно се придонело за повисок животниот стандард на работниците“.
Таа посочи дека потребата од зголемување на минималната плата е резултат на појавата на порастот на цените на одделни производи, кои се од витално значење за работниците, а со тоа и на домаќинствата.
„Сите овие решенија се во интерес на заштита на семејниот буџет на секое семејство и подобрување на економскиот статус на работникот. Обезбедуваме соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата, како и зголемување на истата, од месец март оваа година. Зголемувањето на минималната плата, ја наметна потребата и за обезбедување на одредено ниво на финансиска поддршка за работодавачите за исплата на минималната плата“,
рече Тренчевска.
Со предлог измените на Законот за минимална плата направена е промена на критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 отсто од годишниот раст на просечната плата и 50 отсто од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика. Со цел системското решавање на прашањето, висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година. Предлог измените предвидуваат финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија за периодот март-декември 2022 година, за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.
„Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18 000 денари, сума која е воедно и двојно покачување од минималната плата од онаа во 2016 година, стануваме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата кој со предлог законското решение, изнесува 62 отсто“,
рече Тренчевска.
За потребата од измена на критериумите за усогласување на минималната плата и зголемување на истата, се произнесоа и претставници на работниците и на работодавачите, како и Економско-социјалниот совет.