По повод 20 ноември – Денот на сеќавање на трансродовите жртви на насилство, од иницијативата „Трансформа“ повикуваат на поголема институционална ажурност и санкционирање на говорот на омраза кон трансродовите лица согласно законот
Трансродовите луѓе во С Македонија се соочуваат со насилство предизвикано од говор на омраза кој во изминатите години е засилен како резултат на антитранс-пропагандата на антиродовите групи, посочуваат од „Трансформа“ – иницијатива за правата на трансродовите лица во земјава по повод одбележување на 20 ноември, Денот на сеќавање на трансродовите жртви на насилство.
Повикуваат на поголема институционална ажурност и санкционирање на говорот на омраза согласно законот.
„Според последниот извештај од проектот за Мониторинг на убиства на транс луѓе (ТММ), од октомври 2022 до септември 2023 се убиени најмалку 320 трансродови луѓе и луѓе со небинарени родови идентитети. Од нив 94 отсто се транс жени и транс женствени лица, 48 проценти од жртвите чија професија е позната биле сексуални работници/чки, 80 отсто се лица засегнати од расизам, додека 45 проценти од жртвите во Европа чија миграциска историја е позната биле мигранти или бегалци. Најголем број убиени трансродови и родово различни луѓе се млади на возраст од 19 до 25 години“,
посочуваат од „Трансформа“.

Податоците од извештајот на ТММ, како што пренесува „Трансформа“, покажува дека од 2008 година до денес насилно се убиени најмалку 4 689 трансродови и родово различни луѓе, но во оваа бројка, според ТММ, не се вклучени сите убиства на трансродови луѓе во светот, бидејќи одреден број жртви се непријавени.
„Сите овие податоци укажуваат на загрижувачки тренд кога станувa збор за интерсекционалноста на мизогинија, расизам, ксенофобија и високиот степен на омраза кон сексуалните работнички, како испреплетени фактори кои ги хранат трансфобијата и антитранс насилството. Денес, луѓето и организациите ширум светот се мобилизираат за да му се спротивстават на транс-насилството со кое се соочуваме“,
се посочува во соопштението на „Трансформа“.
Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите луѓе првпат бил одбележан во 1999 година. Денот се одбележува со читање на имињата на убиените за да се одржи споменот на мртвите и се поттикне борба за живите, нагласуваат од „Трансформа“.