Иако тој директно не призна пораз, посредно кажа дека можеби тој нема да биде на чело на американската администрација од јануари 2021 година која ќе го спроведува планот против коронавирусот
Американскиот претседател Доналд Трамп во денешното обраќање, прво по повеќе од една недела, за прв пат од изборите ретерираше во неговиот досегашен цврт став дека тој е победикот.

Иако тој директно не призна пораз, зборувајќи за новите две вакцини и двата лека против коринавирус, посредно кажа дека можеби тој нема да биде на чело на американската администрација од јануари 2021 година која ќе го спроведува планот.
„Јас нема…оваа администрација нема да воведе карантин. Се надевам што и да се случи во иднина – кој знае која администрација ќе биде работи, претпоставувам дека времето ќе покаже – но можам да кажам дека оваа администрација нема да воведе карантин”,
рече Трамп во неговото обраќање во дворот на Белата куќа.
Оваа негова изјава во која изразува претпоставка дека можеби ќе има промени во Белата куќа од следната година е досега единствената изјава која сугерира дека тој може да ги признае резултатите од изборите, кои во изминатите десетина дена најжестоко ги критикуваше, тврдејќи дека се работи за изборна измама.
Денешните проекции на американските медиуми се дека Џозеф Бајден веќе ги добил двете клучни држави Аризона и Џорџија, со што Бајден достигна 306 електорски гласа, што е еднакво на вкупниот број гласови што во 2016 ги освои Доналд Трамп.
Со проекцијата на Си-ен-ен дека Трамп ќе ја освои Северна Каролина, во моментов резултат во Изборниот колеџ е 306 за Бајден спрема 232 за Трамп.
Победата на Бајден во Џорџија, според аналитичарите на ТВ мрежата значи голем удар врз републиканците чие упориште беше оваа држава изминативе 28 години. Последен пат, кога демократ победил во Џорџија е Бил Клинтон во 1992 година.
Правни експерти за американските медиуми изјавуваат дека судските спорови на Трамп имаат мали шанси да го сменат резултатот.
Во меѓувреме, советниците на Трамп тврдат дека тој се повеќе е свесен дека е работата е завршена.
„Тој знае дека е готово. Неговото расположение е често мрачно“,
изјавил еден советник за Њујорк Тајмс, додавајќи дека и покрај впечатокот што го остават неговите твитови, кои честопати се со големи букви, тој воопшто не го повишувал гласот во Белата куќа.
Тие тврдат дека во моментов не постои вистинска стратегија во неговите постапки, бидејќи тој само гледа да „преживее од еден во друг циклус на вести“, пренесува весникот.
Неговите советници тврдат дека Трамп сега сериозно размислува да се кандидира повторно во 2024 година за претседател, бидејќи се повеќе станува јасно дека постои мала веројатност да остане во Белата куќа.