„Ако одлучам да го направам тоа, веројатно ќе го објавам во понеделник“, вели новоизбраниот американски претседател

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, откако ќе ја преземе функцијата во понеделник, најверојатно ќе да ја одложи забраната за користење Тик-ток во САД за 90 дена. Оваа информација Трамп ја дал во интервју за „Ен-би-си њуз“ велејќи дека се уште не ја донел конечната одлука.
„Ако одлучам да го направам тоа, веројатно ќе го објавам во понеделник“,
додава тој.
Тој вели дека тоа е голема ситуација која мора внимателно да се разгледа.
„Мислам дека тоа би било, секако, опција што ја разгледуваме. Продолжувањето од 90 дена е нешто што најверојатно ќе се направи, бидејќи е соодветно. Знаете, тоа е соодветно. Мора да го погледнеме внимателно. Тоа е многу голема ситуација“,
вели Трамп во интервјуто.
Предлогот за продолжување е најновиот пресврт во сагата што се одолговлекува со месеци, оставајќи ја судбината на апликацијата, со нејзините 170 милиони американски корисници, во неизвесност.
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави (САД) вчера го потврди законот со кој се забранува кинеската апликација Тик-ток. Забраната треба да стапи во сила в недела, пренесува Ројтерс.
Со тоа, според законот, кинеската компанија „Бајтденс“ треба да го продаде американскиот бизнис на својата популарна социјална мрежа Тик-ток до 19 јануари или во спротивно апликацијата ќе биде забранета во Америка.
Законот за забрана на Тик-ток беше усвоен со големо двопартиско мнозинство во Конгресот минатата година и беше потпишан од американскиот претседател Џо Бајден.
Сега Врховниот суд заклучи дека законот не го прекршува првиот амандман од американскиот устав, кој ја штити слободата на говорот.
Од компанијата објавија дека крајот на функционирањето на апликацијата Тик-ток во САД е речиси сигурно. Во објава на социјалната мрежа Икс оттаму велат дека иако нивната борба против законот што Конгресот го донесе во март 2024 година во име на заштитната национална безбедност, а кој Врховниот суд на САД одби да го запре, трае неколку месеци, сепак доколку нема новости во текот на денешниот ден, апликацијата ќе престане да функционира на американска почва.
Белата куќа сугерира дека спроведувањето на законот ќе биде препуштено на следната администрација на Трамп, а американското Министерство за правда укажа дека ќе биде потребно време за спроведување на законот. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп, пак, претходно изрази поддршка за задржување на Тик-ток во САД, но неговата жалба до Врховниот суд беше неуспешна.
Трамп се противи на забраната за Тик-ток и верува дека оваа апликација му помогнала да привлече млади гласачи во претседателската трка минатата година.