Тик-ток, кој има околу 170 милиони американски корисници, накратко беше отстранет од интернет во САД непосредно пред да стапи на сила законот на 19 јануари со кој се бара од кинескиот сопственик „Бајт денс“ да го продаде или ќе се соочи со забрана за неговата употреба поради национална безбедност
„Мајкрософт“ во моментов е во преговори за купување на кинескиот Тик-ток и би сакал да започне со наддавање за апликацијата, тврди американскиот претседател Доналд Трамп во изјава за новинарите.
„Мајкрософт“ одби да ја коментира неговите наводи. Со коментари не излегоа ниту Тик-ток, ниту „Бајт денс“ (ByteDance).
Тик-ток, кој има околу 170 милиони американски корисници, накратко беше отстранет од интернет во САД непосредно пред да стапи на сила законот на 19 јануари со кој се бара од кинескиот сопственик „Бајт денс“ да го продаде или ќе се соочи со забрана за неговата употреба поради национална безбедност.
По преземањето на функцијата на 20 јануари, Трамп потпиша извршна наредба со која се предвидува одложување на спроведувањето на законот од 75 дена.
Американскиот претседател минатата недела рече дека разговарал со неколку луѓе за купување на Тик-ток и дека најверојатно ќе донесе одлука за иднината на популарната апликација во рок од 30 дена.
Тој претходно изјави дека е отворен за можноста милијардерот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, да ја купи апликацијата доколку сака, но Маск јавно не ја коментираше понудата на Трамп.
„Мајкрософт“ размислува да го купи Тик-ток
Во меѓувреме, во неделата, раководството на стартапот на пребарувачот Перплексити ВИ (Perplexity AI) напојуван со вештачка интелигенција, предложи спојување со Тик-ток при што американската влада во иднина ќе стане сопственик на половина од новата компанија, изјавил извор за Ројтерс.
Информациите за преговорите сугерираат дека „Мајкрософт“ по втор пат размислува да го преземе Тик-ток.
Веќе во својот прв мандат, Трамп му нареди на Тик-ток да ја оддели апликацијата што работи на американскиот пазар од „Бајт денс“, објаснувајќи го тоа со загриженоста за националната безбедност.
„Мајкрософт“ отиде најдалеку во преговорите во 2020 година, но тие пропаднаа неколку месеци подоцна, кога Трамп ја напушти функцијата претседател.
Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела, го нарече договорот „најнеобичното нешто“ на кое тој работел.
„Владата на Соединетите Држави имаше специфичен сет на барања, а потоа тие едноставно исчезнаа“,
рече тој во 2021 година.