Трамп во објавата додава дека царината стапува во сила веднаш и оти таа наредба е конечна

Секоја земја што соработува со Иран ќе плаќа царина од 25 проценти за секој бизнис што се врши со САД, напиша американскиот претседател Доналд Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушл.
Трамп во објавата додава дека царината стапува во сила веднаш и оти таа наредба е конечна.
„Со стапување во сила веднаш, секоја земја што соработува со Исламската Република Иран ќе плаќа царина од 25 отсто за секој бизнис што се врши со Соединетите Американски Држави. Оваа наредба е конечна и убедлива“,
се вели во објавата.
Иран, како што пишува Би-би-си, веќе е под строги санкции на САД, се соочува со колапс на валутата и инфлација што ги зголеми цените на храната за дури 70 проценти.
Храната сочинува околу една третина од увозот на Иран, а понатамошните ограничувања предизвикани од царините би можеле да ги влошат недостатоците и трошоците.
Кина е најголемиот трговски партнер на Иран, по што следуваат Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Турција и Индија.
Како одговор на изјавата на Трамп, Кина изјави дека се спротивставува на „какви било нелегални еднострани санкции и јурисдикција и ќе ги преземе сите потребни мерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси“.
„Ставот на Кина против неселективното наметнување тарифи е конзистентен и јасен. Царинските војни и трговските војни немаат победници, а принудата и притисокот не можат да ги решат проблемите“,
вели портпарол на кинеската амбасада во Вашингтон на Икс.
Најавата од Трамп доаѓа во време кога, според групата за човекови права „Иран хјуман рајтс“, најмалку 648 демонстранти се убиени во тековното сузбивање на антивладините демонстрации од страна на Иран. Илјадници други се повредени откако започнаа протестите на 28 декември.
Трамп претходно изјави дека армијата на САД разгледува многу силни воени опции за интервенција во Иран, доколку продолжи убивањето демонстранти. Тој изјави дека добил покана од иранските лидери за преговори, но додаде дека САД можеби ќе мора да дејствуваат пред евентуален таков состанок.
Според изјавите на двајца функционери на Пентагон, Трамп бил информиран за широк спектар прикриени и воени средства што би биле употребени при евентуална интервенција врз Иран, како одговор на употребата на сила од властите во Техеран против протестите што еруптираа во земјата.
Незадоволството на народот поради падот на иранската валута и лошото управување со економијата на земјата прерасна во сериозна криза во Иран, што се заканува со рушење и на легитимитетот на врховниот верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи.
