„Не сум сигурен точно кој од која земја ќе биде на Минхенската конференција, но ќе има луѓе на високо ниво од Русија, Украина и САД“, рече американскиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека претставници на САД и Русија денеска ќе се сретнат во Минхен, на првиот ден од Минхенската безбедносна конференција. Поканета, како што рече, е и Украина.

„Ќе имаат состанок во Минхен во петок. И Украина, инаку, исто така е поканета. Не сум сигурен точно кој од која земја ќе биде таму, но ќе има луѓе на високо ниво од Русија, Украина и САД“,
рече Трамп одговарајќи на новинарски прашања во Белата куќа во четвртокот.
На прашањето за дополнителни детали, Белата куќа одби да коментира.
Во меѓувреме, советникот за комуникации на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина не очекува да разговара со претставници на Русија во Минхен, додавајќи дека верува оти на САД, Европа и Украина им е потребен заеднички став пред разговорите со Москва.
„Не се очекуваат разговори со Русите во Минхен“,
изјави украинскиот советник за комуникации, Дмитро Литвин.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата имаше телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, кој траел повеќе од еден час. Двајцата, како што соопшти Трамп, се согласиле „веднаш“ да започнат преговори за завршување на конфликтот во Украина.
Непосредно по разговорот со Путин, Трамп имаше разговор и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.