Експретседателот го тужи бидејќи смета дека Коен го нарушил односот адвокат – клиент со откривање на „доверливи работи“ и „ширење невистини“ во книги, поткасти и медиумски настапи, а се жали и зашто во својата книга го нарекува „расист“

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го тужи својот поранешен адвокат Мајкл Коен за повеќе од 500 милиони долари.
Тужбата тој ја поднел до федералниот суд во Флорида, а доаѓа откако Коен сведочеше пред големата порота на Менхетен, која подоцна го обвини Трамп за 34 кривични дела за фалсификување деловни книги, а поврзано со исплата на 130 000 долари на порноактерката Сторми Даниелс во замена таа да молчи за аферата што ја имале.
Трамп, кој бара републиканска претседателска номинација во 2024 година, се појави во судот на 4 април и се изјасни за невин.
Улогата на Коен во приказната е што парите на порноактерката ги исплатил тој. Иако адвокатот првично жестоко отфрлаше дека Трамп има некаква врска со парите, подоцна во сведочење под заклетва рече дека поранешниот претседател му рекол да ја направи исплатата на 130 000 долари. Исто така, Коен кажа и оти Трамп потоа нему му ги надоместил парите. Подоцна, Коен беше уапсен поради обвинение со повеќе точки, а потоа и призна вина за кршење на законите во текот на кампањата за претседателските избори во 2016 година.
Адвокатот, кој отслужува затворска казна, сега е подготвен да биде клучен сведок во секое евентуално судење во случајот околу исплатата на парите на Даниелс.
Во тужбата на Трамп против него се вели дека Коен го нарушил односот адвокат – клиент со откривање „доверливи работи“ и „ширење невистини“ во книги, поткасти и медиумски настапи.
Исто така, во тужбата се вели дека Коен лажно го нарекол Трамп „расист“ во својата книга од 2020 година „Disloyal“ и дека измислувал разговори со Трамп.