Од Белата Куќа го опишаа Трамп како „најтестиран човек во САД“
Американскиот претседател Доналд Трамп понекогаш се тестира за ковид-19 и неколкупати дневно, велат од Белата Куќа, објаснувајќи зошто Трамп одбива редновно да носи заштитна маска во јавност, иако почна да ги охрабрува неговите приврзаници да носат маски.
Со ваков став Белата Куќа излезе и претходно посочувајќи дека Трамп редовно се тестирал исто како и вработените во неговиот кабинет, но терминот „неколкупати дневно“ досега не беше спомнат, пишува Си-Ен-Ен.
Трамп вчера на Твитер сподели фотографија со маска со порака дека „многу луѓе мислат дека носењето маска е патриотски чин“, но на собир во неговиот хотел во Вашингтон синоќа се појави без неа.
Портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекенани, во одбрана на Трамп го опиша како „најтестиран човек во САД“ кој не ризикува да го пренесе вирусот на други.
„Тој понекогаш се тестира и по повеќе пати на ден. Ние веруваме дека тој постапува соодветно“,
изјави Мекенани.
Трамп прв пат излезе во јавност со маска пред една недела при неговата посета на воената болница „Валтер Рид“, каде се сретнал со ранети војници и медицинскиот персонал.
„Никогаш не сум бил против маските, но верувам дека има време и место кога да се носат“,
порача американскиот претседател.