Трамп откри дека животот му го спасило тоа што ја свртел главата за да гледа клип од видео пуштено на екранот зад него

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп изјави дека во говорот што ќе го одржи в четврток, на последниот, четврти ден од конвенцијата на републиканците во Милвоки, наместо да го критикува Џо Бајден ќе се фокусира на пораката за „единство“.
„Говорот што планирав да го одржам во четврток требаше да биде импресивен. Мислам дека би било навистина лошо ако после сè почнам да говорам колку се сите ужасни, колку се лоши. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор. Сега имам говор што обединува. Ова е можност да се обедини целата земја, дури и целиот свет“,
рече Трамп во интервју за неделникот „Вашингтон Егзаминер“ по обидот за атентат во кој беше полесно повреден.
Тој рече дека говорот ќе го одрази неговото верување дека нападот на митингот во Пенсилванија целосно го променил текот на изборната кампања, што и републиканците и демократите веќе го потврдија.
Трамп откри дека животот му го спасил тоа што ја свртел главата за да гледа клип од видео пуштено на екранот зад него.
„Речиси никогаш не го тргам погледот од публиката на митинзите. Ретко го тргам погледот од толпата и тоа беше потег кој веројатно ми го спаси животот. Да не го направев тоа во тој момент, немаше да разговараме денес”,
рече тој.
Трамп беше прашан и за моментот кога ја крена тупаницата и извика „борба“. Тој рече дека сакал да ги увери присутните дека е добро и дека „Америка продолжува понатаму“.
„Енергијата што доаѓаше од луѓето таму во тој момент – тие само стоеја таму, тешко е да се опише чувството, но знаев дека целиот свет гледа. Знаев дека морам да им дадам до знаење дека сум добро“,
додаде тој.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека нема да го одложи патувањето во Милвоки на конвенцијата на Републиканската партија, и покрај обидот за негово убиство на предизборниот митинг во Пенсилванија.
„Врз основа на страшните настани, планирав да го одложам моето патување во Висконсин на Републиканската национална конвенција за два дена, но штотуку решив дека не можам да дозволам атентатор, или потенцијален убиец, да принуди промена на мојот распоред или било што друго. Затоа, ќе заминам за Милвоки, како што беше закажано“,
напиша Трамп на неговата платформа Трут сошал.
На четиридневната конвенција во Висконси, републиканците треба официјално да го номинираат Трамп за свој кандидат за претседателските избори на 5 ноември.
Кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, во петокот беше итно изнесен од бината од припадници на Тајната служба на митинг во Батлер, Пенсилванија, откако одекнаа истрели од огнено оружје, а Трамп се фати за увото.
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) го идентификуваше 20-годишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк, Пенсилванија, како вмешан во обидот за атентат на поранешниот претседател Доналд Трамп.