Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, тој кажа дека според неговото мислење, Врховниот суд одлуката ја донел под влијание на странски интреси и политичко движење, кое, како што рече, е многу помало отколку што луѓето би помислиле
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на прес-конференција во Белата куќа жестоко ја критикуваше одлуката на Врховниот суд на САД да ги поништи царините што ги воведе неговата администрацијата на стоките што доаѓаат од странство. Тој ја нарече одлуката „срам за нацијата“ и најави дека ќе воведе дополнителни тарифи од 10 отсто според други закони, пренесоа светските медиуми.

Говорејќи пред новинарите, тој кажа дека според негово мислење, Врховниот суд одлуката ја донел под влијание на странски интреси и политичко движење, кое, како што кажа, е многу помало отколку што луѓето би помислиле.
Оценувајќи го тоа влијание како социјално и културно, Трамп рече оти се срами од одредени членови на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави.
„Апсолутно се срамам што немаат храброст да го направат тоа што е исправно за нашата земја“,
рече американскиот претседател.
Тој ги пофали тројцата судии кои се спротивставија на мислењето за поништување на тарифите – Брет Кавано, кој го напиша издвоеното мислење, заедно со судиите Кларенс Томас и Самуел Алито. Што се однесува до другите шестмина судии, меѓу кои Ејми Кони Барет и Нил Горсач, кои беа назначени од негова страна за време на првиот мандат, Трамп за нив говореше со потсмев и жестоки критики.
„Тие се однесуваат како будали и разгалени слуги на Ринос (акроним за самонаречени републиканци – Republicans In Name Only ) и на радикално левичарските демократи… Тие се многу непатриотски настроени и нелојални кон нашиот устав“,
рече Трамп.
Осврнувајќи се на судиите Барет и Горсач, тој ги опиша како „срам за нивните семејства“, додавјќи дека двајцата едвај добиле покани за обраќањето на Трамп за состојбата на Унијата закажано за следната недела.
Прашан од новинарите дали има докази за неговите наводи за странско влијание врз Врховниот суд, Трамп не даде конкретен одговор и само кусо одговори:
„Ќе откриете“.
Американскиот претседател на прес-конференцијата рече дека веднаш ќе потпише наредба за зголемување на царините на глобално ниво за 10 отсто, повикувајќи се на членот 122 од Законот за трговија од 1974 година, како и дека ќе започне истраги за нефер трговски практики од други земји и компании.
Тој наведе оти има овластувања да воведе дополнителни царини според постојните статути, без да мора за тоа да добие одобрение од Конгресот.
„Други алтернативи сега ќе бидат искористени за да се заменат оние кои судот неправилно ги одби. Имаме алтернативи. Одлични алтернативи“,
рече американскиот претседател на крајот од обраќањето.
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави денеска донесе одлука со која поништи голем дел од царините што ги воведе админстрацијата на претседателот Донлад Трамп, повикувајќи се на закон наменет за вонредни ситуации.
Судот, кој брои девет члена, гласајќи шест спрема три одучи дека законот од 1977, наменет за решавање на национални вонредни состојби, не дава правно оправдување за воведување царини од страна на админстрацијата на Трамп врз земји од целиот свет. Ова е прва пресуда на највисокиот суд на САД со која се поништува негова политичка одлука донесена во вториот мандат.
