Не исклучувајќи ја можноста за преговори, предупреди и дека Вашингтон може да биде принуден да дејствува дури и пред да се случи таков состанок, со оглед, како што додаде, на континуираните протести во Иран
Иранските власти испратија покана до Соединетите Американски Држави (САД) за преговори, соопшти американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Би-би-си.

Ова тој го кажа во разговор со новинарите во авионот „Ер форс уан“, посочувајќи дека иранските лидери пред еден ден го контактирале и го повикале на разговори.
„Тие уште вчера се јавија. Иран се јави на преговори. Лидерите на Иран сакаат да преговараат“,
рече тој.
Не исклучувајќи ја можноста за преговори, предупреди и дека Вашингтон може да биде принуден да дејствува дури и пред да се случи таков состанок, со оглед, како што додаде, на континуираните протести во Иран.
Како што рече, неговата администрација ги следи смртоносните протести во Иран и продолжува да ја разгледува можноста за воена интервенција.
„Се чини дека се убиени некои луѓе кои не требало да бидат убиени. Иранските власти се насилни. Не знам дали иранските лидери едноставно владеат преку насилство, но ние го разгледуваме тоа многу сериозно. Американската војска го разгледува тоа и разгледуваме некои многу силни опции“,
рече Трамп во разговор со новинарите во претседателскиот авион.
Во Иран, веќе трета недела се одржуваат масовни антивладини протести. Според американската организација за човекови права, во протестите загинаа над 500 луѓе, додека властите ја држат земјата без интернет и телефонски врски повеќе од 72 часа.
Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ги нарече демонстрантите група вандали што сакаат да го задоволат американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп, пак, порача дека САД се подготвени да помогнат во стремежот на Иранците за слобода и го предупреди Техеран дека Вашингтон ќе интервенира доколку бидат убиени демонстранти во тековните протести во Иран.
Претседателот на иранскиот парламент, пак, предупреди дека доколку САД нападнат, Техеран би можел да изврши превентивни напади врз Израел и американските воени бази во регионот.
