На социјалната мрежа „Трут Соушл“, новоизбраниот претседател Доналд Трамп напиша дека поранешниот прв човек на Националната разузнавачка служба ќе работи на некои од најжешките точки во светот
Поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба и специјален пратеник на претседателот помеѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, доби функција во новата администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Трамп соопшти дека Гренел ќе биде назначен за претставник на претседателот за специјални мисии и политика кон некои непријателски држави, како Венецуела и Северна Кореја, без притоа да соопшти повеќе детали околу неговиот ангажман.
„Рик ќе работи на некои од најжешките точки во светот, вклучувајќи ги и Венецуела и Северна Кореја“,
објави Трамп на Трут Соушл.
Гренел, кој водеше кампања за Трамп пред изборите на 5 ноември, претходно беше споменуван како кандидат за државен секретар. Сепак, на таа позиција беше поставен републиканскиот американски сенатор Марко Рубио, потег што ги изненади и вознемири некои од блиските сојузници на Гренел.
Инаку, во период од околу еден месец, премиерот Христијан Мицкоски на два пати се сретна со Ричард Гренел. Првата средба меѓу Мицкоски и Гренел се случи во Вашингтон на 8 јули, за време на НАТО-самитот во САД. Следната средба се случи во Скопје, во Владата.
„Во текот на средбата се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект ‘Чебрен’, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата“,
соопштија тогаш од Владата.