„Зеленски признава дека половина од парите што му ги испративме ги нема. Тој одбива избори, тој е многу ниско на украинските анкети, а единственото нешто во што е добар е да го свири Бајден како виолина. Како диктатор без избори, Зеленски подобро да побрза или ќе остане без земја“, напиша Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут сошал
Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на неговата социјална мрежа Трут сошал.
„Замислете, умерено успешен комичар, Володимир Зеленски, ги убеди САД да потрошат 350 милијарди долари, да влезат во војна која не може да се добие, која никогаш не требаше да започне, но војна која тој без САД и Трамп никогаш нема да може да ја реши“,
напиша Трамп.
Тој додаде дека САД за војната во Украина потрошиле 200 милијарди долари повеќе од Европа, „а европските пари се загарантирани, додека САД нема да добијат ништо назад“.
„Зошто заспаниот Џо Бајден не побара баланс во оваа војна која е многу поважна за Европа отколку за нас? Ние имаме голем, прекрасен океан кој нè дели“,
напиша Трамп.
„Згора на тоа, Зеленски признава дека половина од парите што му ги испративме ги нема. Тој одбива избори, тој е многу ниско на украинските анкети, а единственото нешто во што е добар е да го свири Бајден како виолина. Како диктатор без избори, Зеленски подобро да побрза или ќе остане без земја“,
додава Трамп во објавата.
Тој посочува дека успешно преговараат за крај на војната со Русија, „нешто што сите признаваат дека само Трамп и администрацијата на Трамп можат да го направат“.
„Бајден никогаш не се обиде, Европа не успеа да донесе мир. Ја сакам Украина, но Зеленски заврши ужасна работа, неговата земја е скршена, а милиони умреа без потреба. И тоа продолжува“,
додаде американскиот претседател.
Што рече синоќа?
За потсетување, претседателскиот мандат на Зеленски истече минатиот мај, но Украина е во вонредна состојба од руската инвазија во февруари 2022 година, што значи дека претседателските избори се суспендирани.
Трамп синоќа, говорејќи од Флорида, го повтори предлогот Зеленски да одржи избори во Украина како услов за мир, што предизвика загриженост дека Москва би можела да ги искористи изборите за да номинира проруски кандидат кој ќе се согласи со мировните услови поволни за Москва.
Трамп изјави дека барањето за претседателски избори во Украина дошло до него.
„Имаме ситуација кога не се одржаа избори во Украина, каде што имаме вонредна состојба, всушност вонредна состојба во Украина, каде што лидерот во Украина, мислам, мразам да го кажам тоа, но тој има само четири отсто поддршка. Ако Украина сака место на масата, зарем луѓето не треба да кажат дека поминало долго време откако немале избори? Тоа не е работа на Русија, тоа е нешто што доаѓа од мене и од многу други земји“,
истакна тој.
Од друга страна, Зеленски во интервју за германската телевизија АРД, емитувано завчера, ја бранеше својата популарност наведувајќи дека тој е претседател на Украина затоа што 73 отсто од граѓаните на земјата гласале за него на последните избори.
„И денес сум претседател затоа што мнозинството во мојата земја ме поддржува. Јас сум патриот, исто како и луѓето што ја бранат нашата земја. Секако дека Русија сака да се ослободи од мене. Можеби веќе не физички, како на почетокот на војната, но политички, да. И тоа е апсолутно разбирливо бидејќи јас сум многу непријатна личност за Путин“,
рече Зеленски.
Украинскиот претседател додаде дека тврдењето оти има рејтинг од само четири проценти доаѓа од Русија и дека Киев има одредени докази оти бројките биле разговарани меѓу Вашингтон и Москва. Повикувајќи се на анкета, Зеленски рече дека 58 отсто од украинскиот народ има доверба во него како лидер.