Ваквата негова одлука предизвика пресврт на светските пазари. Суровата нафта „брент“ падна за 13 проценти на околу 96 долари за барел

Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Трут сошал објави дека САД ги одложуваат сите воени напади врз иранската енергетска инфраструктура.
„Со задоволство можам да известам дека САД и Иран во последните два дена имаа многу добри и продуктивни разговори во врска со целосното решавање на нашите непријателства на Блискиот Исток. Врз основа на природата и тонот на овие длабоки, детални и конструктивни разговори, кои ќе продолжат во текот на целата недела, му наложив на Министерството за војна да ги одложи сите воени напади врз иранските електрани и енергетска инфраструктура за период од пет дена, во зависност од успехот на тековните состаноци и дискусии“,
напиша Трамп.
Ваквата негова објава предизвика пресврт на светските пазари. Суровата нафта „брент“ падна за 13 проценти на околу 96 долари за барел. Индексот FTSE 100 сега е во пораст за 0,5 проценти, откако претходно падна за повеќе од 2 проценти.
За потсетување, доцна во саботата вечерта, Трамп се закани дека ќе ги уништи иранските електрани ако Техеран не го отвори целосно Ормускиот Теснец во рок од 48 часа.
„Доколку Иран не го отвори целосно, без никаква закана, повторно Ормускиот Теснец во рок од 48 часа од овој прецизен момент, Соединетите Американски Држави ќе ги нападнат и уништат нивните електрани, почнувајќи од најголемите“,
објави тогаш Трамп.
Трамп минатата недела изјави дека не е заинтересиран за прекин на огнот со Иран.
„Можеме да разговараме, но не сакам прекин на огнот“,
рече тој во петокот попладне.
