Американскиот претседател упорно тврди дека победил, додека од Твитер постојано му ги дообјаснуваат објавите дека се спорни
Медиумите објавуваат дека потпретседателот Пенс, наместо да се вклучи во правната битка, заминал на одмор
Американскиот претседател Доналд Трамп, на социјалните мрежи, продолжува да ги оспорува резултатите од минатонеделните претседателските избори, кои проектираат победа на неговиот противкандидат Џозеф Бајден.
Трамп денеска повторно се огласи на Твитер и напиша: „Ќе победиме“, при што како и досега користеше големи букви, што на социјалните мрежи се користи како знак на повишување на гласот.
Во последователните твитови што ги објави, а се однесуваа видеоизјави кои укажуваат на изборни неправилности, од Твитер додаваа објаснување дека содржината на објавата за изборни измами е спорна.
Истовремено, медиумите објавија дека неговиот заменик, потпретседателот Мајк Пенс, отпатувал на Флорида од „лични причини“, наместо да се приклучи на правната битка во одлулувачките држави, каде што Трамп не победи.
Весникот „Индепендент“ посочува дека од средата изутрина Пенс не се експонира во јавноста и „наместо да се вклучи во правната битка за оспорување на резултатите, тој одлучил да замине на Флорида, каде што ќе остане до сабота“.
Во меѓувреме, американскиот јавен обвинител Вилијам Бар се согласи федерални обвинители да ги истражат тврдењата за наводни масовни изборни нерегуларности.
Иако најголемиот дел од светските лидери веќе му ја честитаа победата на Бајден по проекцијата дека освоил најмалку 270 (изборни) електорски гласа неопходни за да биде избран, Трамп и неговите соработници продолжуваат да ги оспоруваат, наведувајќи дека зборот „пораз“ го нема во нивниот речник.
Портпаролката на Белата куќа оцени дека изборите се далеку од завршени.