Лидерот на ДС во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 рече дека смета оти било подготвено сценарио државниот врв да не објавува што усогласиле со Бугарија и поради тоа излегле со став оти францускиот предлог е неприфатлив
Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов попладнево во врска со францускиот предлог изјави дека идејата не била да ја „срушат“ Владата, туку за да спречат бугаризација на Макеоднија и да се заштитат националните интереси.
„Мислам дека ние сме дел од тие партии кои не го поддржаа предлогот, ако нешто направивме е тоа дека спречивме да бидат загрозени нашите национални интереси, апсолутно не држи тоа дека идејата беше да ја срушиме Владата“,
рече Трајанов во „Само интервју“ на Канал 5.
Трајанов смета дека било подготвено сценарио државниот врв да не објавува што усогласиле со Бугарија и поради тоа излегле со став оти францускиот предлог е неприфатлив.
„На 19 јуни кога Ковачевски ги собра лидерите на владините партнери на која средба се очекуваше да се разговара за францускиот предлог, таму беше кажано дека се уште не е добиено таков предлог, мислам дека се работи за подготвено сценарио, државниот врв да не објавува тоа што се усогласила со Бугарија и затоа ние излеговме со став дека предлогот е неприфатлив и дека ги загрозува нашите интереси“,
рече Трајанов.
Тој вели дека тие практично го отфрлиле предлогот и појасни оти за него требало да се иницира расправа во парламентот. Според Трајанов, сите барања на Бугарија на суптилен начин биле вметнати во предлогот.