Министерот за внатрешни работи откри дека освен во Министерството за економија, истрага се води и во рамки на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување, правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи и притоа, како што додаде министерот, незадонски ги изработиле тие документи
На македонската јавност ќе ѝ се згрози кога овој предмет во детали ќе биде расветлен од аспект на сите дејствија кои сме ги преземале досега, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување во Тема на денот на ТВ Сител, говорејќи за трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица.

„На јавноста ќе ѝ се згрози, особено ќе ѝ се згрози кога ќе види дека повторно, по не знам кој пат, последица на овие незаконитости се мито и корупција. Многу добро знам што зборувам, а внимавам како ги изнесувам информациите во јавноста за да не загрозам дел од истрагата. Кога јавноста ќе види за кои суми биле издавани одредени документи и било ставано нешто незаконито, спротивно на сите правила, регулативни на се она што треба да е нормалност на функционирање на еден кабаре клуб, ноќен клуб, ќе ѝ се згрози“,
рече Тошковски во гостувањето на ТВ Сител.
Министерот рече дека до овој момент осомничени во врска со случајот се повеќе од 20 лица и дека сега за сега секој еден од осомничените е обезбеден.
Со најголем дел од нив, како што рече, се извршени разговори, дел од нив веќе се во притвор, дел се повредени и се хоспитализирани на клиниките, а дел од нив во текот на денешниот и утрешниот ден, по насока на јавен обвинител, веќе се или ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка.
„Моментално како осомничени имаме луѓе коишто биле на позиција министер, на позиција државен сектетар, на позиција директори на институции, на позиција раководители на сектори, на позиција сопственици на правни лица, на позиција обезбедување на лице место, на позиција на лица кои согласно нивни овластувања изготуваат документација којашто била незаконита…“,
додаде Тошковски.
Министерот откри дека освен во Министерството за економија, истрага се води и во рамки на Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување, правни лица кои имале овластување да потпишат одредени документи и притоа, како што додаде министерот, незадонски ги изработиле тие документи.
„Еве, ќе кажам дека во еден од тие документи коишто биле потпишани оној којшто го потпишал тврдел дека објектот ги исполнувал сите потребни услови согласно со закон коишто предвидуваат одреден број на влезови, излези, градежна конструкција итн. – што сите видовме дека не е така“,
изјави министерот.
Во врска со истрагата којашто се води во рамки на Министерството за внатрешни работи, Тошковски рече дека постојат основи на сомнение за одредени незаконитости во постапувањето при издавањето на соодветни документи коишто ги издава МВР согласно со законот.
„…Како и во делот на дејствија коишто се преземани при целокупниот овој временски прериод наназад. За секој оној којшто ќе биде констатирано дека директно или индиректно има какво било влијание на незакониотст, а притоа таа нè довела до овој грозоморен настан, ќе има одговорност“,
додаде Тошковски.