Одговорајќи на прашање што му го постави пратеникот Реџеп Исмаил, Тошковски уште еднаш напомена дека јавноста денес и тоа како може да направи разлика во постапувањата, во начинот како се спроведуваат сега и како се спроведувале изминатите години
За трагедијата во Кочани досега се осомничени 68 физички и три правни лица, а истрагата се уште е во тек, рече денеска на седницата за пратенички прашања, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, полицијата не постапува селективно туку исклучиво во соработка и по наредба на јавен обвинител.

„Не се гледаше дали се работи за маж или жена, за човек од Скопје или од Кочани, за каква било политичка припадност. Се работеше исклучиво од аспект на расветлување на трагедијата за оние што имаат вина да одговараат согласно законот. Да се реагирало вака во минатото, немало да се случуваат вакви незгоди во континуитет, да се имало ваков сериозен пристап при спроведување истрага капацитетите на државата ќе беа поинакви од овие што се сега“,
рече Тошковски.
Одговорајќи на прашање што му го постави пратеникот Реџеп Исмаил, Тошковски уште еднаш напомена дека јавноста денес и тоа како може да направи разлика во постапувањата, во начинот како се спроведуваат сега и како се спроведувале изминатите години.
„Разликата е огромна од аспект на тоа како е постапувано во овој предмет, а како во другите трагедии во кои загинаа 75 лица. И граѓаните прават разлика. Досега за три трагични случаи не е поднесена ниту една пријава од МВР и немало ниту еден осомничен. Сега МВР има поднесено четири кривични пријави против сите лица за кои во соработка со јавен обвинител е утврдена врска со настанот и има основи на сомнение. Првпат за министер, тројца градоначалници и неколку министри за економија има мерки за обезбедување присуство“,
нагласи министерот за внатрешни работи.
Тој најави дека во вторник јавноста ќе види што се треба да се преземе за да имаме, како што рече, нормална држава.
Пратеникот Исмаил рече дека не е задоволен од одговорот и оцени дека Тошковски треба да поднесе оставка.