Тошковски информира и дека братот на градоначалникот на Гази Баба, кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час, денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“. Нему, како што наведе министерот, му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а пред надлежен суд ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави кривична одговорност за полицискиот службеник поради кого братот на градоначаланикот на општина Гази Баба не бил казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата му била изречена на лице кое немало врска со настанот.

Изјавата на Тошковски, додена за ТВ Сител, доаѓа откако опозицискиот Социјадемократски сојуз денеска објави видеоматеријал од, како што кажа портпаролката на партијата Богданка Кузеска, прекршокот што го прави братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, а за кој, иако регистриран, не бил казнет.
Според Тошковски, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу постаршна од она што било објавено од Социјалдемократскиот сојуз.
Министерот вели дека полицискиот службеник направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата.
„Се утврди фактичка состојба каде што конкретен полициски службеник постапил спротивно на неговите законски овластувања и притоа дозволил да одредено лице помине без соодветна казна којашто требало да му биде изречена. Тоа е првиот прекршок што го направил спротивен на стандардните оперативни процедури и спротивен на законот. А вториот уште поголем прекршок од оној првиот е тоа што недолжен граѓанин, никако неповрзан со предметниот прекршочен настан до тој момент, во таа ситуација го навел во рамки на документацијата којашто се изготвува во рамките на Министерството за внатрешни работи како одговорен за предметниот прекршочен настан“,
вели Тошковски.
Со тоа, како што наведува министерот, полицискиот службеник сторил „одредено кривично дело“, кое ќе биде процесуирано од Министерството за внатрешни работи.
Тошковски информира и дека братот на градоначалникот на Гази Баба, кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“.
Нему, како што наведе министерот, му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а пред надлежен суд ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.
„Така што, Министерството за внатрешни работи овој случај, првично го расветли веднаш по добиени информации од страна на јавно достапните гласила“,
изјави министерот.
Тој упати и порака до сите полициски службеници дека се должни да постапуваат согласно законот и согласно стандардните оперативни процедури.
„Никој нема никого да има шанса да го спаси од конкретна дисциплинска или друг тип одговорност. Единствено законот и оперативните процедури се на нивна страна и секој еден е должен да го почитува законот“,
кажа Тошковски.

На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, објави видеоснимка за која рече дека е од полициски радар, а на која се гледа како братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а притоа полицијата иако го регистрирала и го сопрела, сепак не го казнила.
Настанот, како што наведе таа, се случил на 20 април годинава во 18:31 часот на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, каде полицијата со радар регистрирала возило кое се движи далеку од дозволената брзина за тој потег.
„Возилото е марка ‘мини купер‘ со скопски регистарски таблички управувано од Далибор Стефковски, брат на градоначалникот на Гази Баба, Борче Стефковски. Тој воедно е и сопственик на возилото“,
рече Кузеска.
Според информациите до кои дошла партијата, како што рече таа, за само една минута откако е застанато возилото, началник на МВР, кој според нивните информации не ни бил во земјава, им се јавил на полицајците и им дал наредба братот на градоначалникот да не биде казнет.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им е казната да ја запишат на друго лице. Така, казната е издадена на лице со иницијали С. Ј., под налог број 07929. И оваа докуметнација ни ја доставија свиркачите, но нема да ја објавиме, со цел да ги заштитиме“, рече портпаролката на СДСМ.
Објавувајќи за настанот, од Социјалдемократскиот сојуз рекоа дека тој е доказ дека функционерите на власта прават што сакаат, без никаква одговорност, и дека со ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски на чело на Министерството за внатрешни работи (МВР), наместо ред и поредок, царуваат неказнивост и селективност.