Тошковски вели дека СДСМ не треба да зборува за селективност и неправда бидејќи за време на седумгодишниот мандат на оваа партија се случија три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе, а не била поднесена ниту една кривична пријава
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на својот фејсбук-профил реагира на, како што вели, сè поочигледната алијанса и координирани напади од ДУИ, СДСМ и Левица кон него.

„Три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, вчера се здружија во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост. Три партии, кои наводно се борат една против друга, вчера покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики“,
посочува Тошковски.
Според него, ДУИ е партија која заедно со СДСМ создале заробена држава со систем во кој криминалот не бил исклучок, туку правило.
„Истите тие функционери на ДУИ кои некогаш со ароганција велеа дека не одговараат пред законот, туку само пред Али Ахмети, а кога некој ќе им спомнеше одговорност за криминал, одговараа со закани со чизмите од таванот, денес панично се разбегаа бидејќи за првпат почувствуваа дека законот е над партијата. Па би сакал вака јавно да ги прашам: Каде е денес Артан Груби? Каде е денес Прпарим Бајрами? Зарем не беа токму тие најгласните борци за правата на Албанците, кои наместо права, си обезбедија само привилегии за себе и своите семејства? ДУИ никогаш не се бореше за Албанците, се бореше само за позиции од кои можеше да го ограбува и албанскиот и македонскиот народ. И сега, кога за првпат по 30 години владеењето на правото не е само празна флоскула, туку реалност, кога институциите конечно почнаа да функционираат и правдата пристигнува до оние кои мислеа дека засекогаш ќе бидат недопирливи, ДУИ без срам зборува за одговорност“,
пишува министерот за внатрешни работи.
Тошковски вели дека СДСМ не треба да зборува за селективност и неправда бидејќи за време на седумгодишниот мандат на оваа партија се случија три големи трагедии во кои животот го загубија над 70 луѓе.
„И сега добро запомнете: за сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе ниедна кривична пријава. Ниедна! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени. Зборуваат за морален пораз, приврзоците на ДУИ кои седум години беа тивките соучесници во распаѓањето на државата, а денес, без грам срам, се обидуваат да се претстават како глас на совеста. Лицемерието нема граница, а СДСМ треба да знае дека меморијата на македонските граѓани не е толку кратка како што би посакувале“,
вели Тошковски.
Според него, Левица е „политички паразит кој живее и се храни од народниот гнев создаден токму од нивните денешни партнери, ДУИ и СДСМ“.
„Левица, која со години не пропушта можност да се претстави како алтернатива, всушност е само уште една алатка на истите структури кои на Македонија ѝ ја одземаа иднината. Денес, кога конечно системот се чисти, Левица ги напушти своите наводни принципи и застана во одбрана на токму оние кои ги обвинуваше до вчера. И не е тоа затоа што тие се нова партија со визија, туку затоа што најдобро опстојуваат во времиња кога системот е разнишан, а довербата на граѓаните во институциите е убиена од нивните некогаш прикриени, а денес очигледни сојузници“,
пишува Тошковски на Фејсбук.
Тој порача дека правдата почнала да тропа на вратата на секој оној кој мислел дека таа никогаш нема да го посети.
„И таа правда нема да се врати назад без резултати“,
дециден е министерот за внатрешни работи.