При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И. М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кои најверојатно ги поседува без дозвола, соопшти Тошковски
Овластено службено лице вработено во МВР е фатено на лице место со над 10 илјади евра за извршено кривично дело измама, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Станува збор за лице со иницијали И. М., вработена како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничената е уапсена, а, како што наведе Тошковски, ја пријавиле оштетени лица на кои наводно им посредувала за да добијат стан.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б-категорија“,
соопшти Тошковски на Фејсбук.
Полицијата извршила претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело, во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.
„Исто така, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И. М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кои најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки“,
се наведува во објавата.
Тошковски додава и дека МВР продолжува со преземање мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.