МВР информира дека по добиената пријава за инцидентот воспоставена е оперативна акција „обрач“ за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека полицијата го расчистила убиството што попладнево се случи во гостиварско Дебреше, во кое беше застрелан 35-годишник. Приведени се три лица.
„Веднаш по добиената пријава дека е пукано врз Р. К. (35) од Дебреше воспоставена е оперативна акција ‘обрач’ за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите. По кратко време, сторителите се лишени од слобода и тоа Б. В.(28), Ј. В. (31) и Љ. В. (32)“,
информираат од МВР.
Полицијата ја пронашла и автоматската пушка од која е пукано, како и возилото „волво“ со кое осомничените сторители се оддалечиле од местото. По документирање на случајот, како што додаваат од Министерството, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство.
Убиството во гостиварско Дебреше се случи попладнево околу 17 часот. Во престрелката почина 35-годишник откако во него било пукано со автоматско оружје.