Посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изработени врз основа на препораките на експертите и стручните служби на Министерството за внатрешни работи
Анализите покажуваат дека најголем број сообраќајни незгоди со електрични тротинети се случуваат кај младите лица, особено кај оние до 17 и 18 години
Се подготвуваат законски измени за регулирање на користењето електрични тротинети со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Владата на презентација на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.

Посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изработени врз основа на препораките на експертите и стручните служби на Министерството за внатрешни работи.
„Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите“,
рече тој.
Според него, анализите покажуваат дека најголем број сообраќајни незгоди со електрични тротинети се случуваат кај младите лица, особено кај оние до 17 и 18 години.
„Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правилата доведува до сериозни последици“,
кажа министерот.

Дел од измените ќе предвидат и зголемување на минималната старосна граница за управување со електрични тротинети, со цел да се заштитат најмладите и да се намалат ризиците во сообраќајот.
Осврнувајќи се на проблемот со нелегалниот премин кај Бит-пазар во Скопје, Тошковски рече дека прашањето веќе се разгледува на координациите меѓу Министерството за внатрешни работи (МВР) и Град Скопје и најави конкретни мерки во наредниот период за подобрување на безбедноста.
Покрај институционалните мерки, посочи дека е клучна и одговорноста на граѓаните во почитувањето на сообраќајните правила.
МВР во јуни спроведува засилени контроли за возачи на мотоцикли, мопеди и електрични тротинети, а активностите се насочени кон откривање и санкционирање во делот на користење на соодветна заштитна опрема, техничка исправност, право на управување и одговорно возење со почитување на сообраќајните правила и прописи, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.
