Тошковски беше прашан и за зголеменото присуство на полиција во Крива Паланка и дали е тоа затоа што постои некаков ризик, на што одговори дека и на територија на СВР Скопје има активирано полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Такви екипи, рече Тошковски, има распоредено и на другите сектори за внатрешни работи и не може да се издвои Општина Крива Паланка од која било друга општина

Министерството за внатрешни работи (МВР) континуирано презема мерки и активности за непречено и безбедно спроведување на локалните избори, информираат оттаму и најавуваат засилено присуство на терен и употреба на современа технологија, вклучително и дронови за воздушна контрола.
Од МВР соопштија дека, согласно направените проценки, полициски службеници ќе бидат присутни во близина на избирачките места, како и на клучните сообраќајни точки. Ова се прави со цел зголемена ефикасност и навремено откривање можни нарушувања на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за медиумите, откако го оствари своето гласачко право, рече дека во текот на денешниот ден се активирани над 90 отсто од силите со кои располага Министерството и оти се фокусирани на спроведување мирен изборен процес.
„Ги преземаме превентивно сите оние дејствија што треба да се преземат во рамки на изборниот процес. На терен сме околу избирачките места, ги контролираме оние ’жешки точки’ каде ќе има поголемо присуство на народ. Сега засега немаме никакви проблеми во текот на избирачкиот ден“,
рече Тошковски.
Според него, вчера полицијата констатирала четири настани каде што имало потенцијално нарушување на изборниот молк со одредени незаконски постапки од страна на граѓани.
„Постапуваме во врска со тие настани и откако ќе истражиме и ќе имаме конкретна состојба јавноста ќе биде информирана“,
додаде тој.
Тошковски беше прашан и за зголеменото присуство на полиција во Крива Паланка и дали е тоа затоа што постои некаков ризик, на што одговори дека и на територија на СВР Скопје има активирано полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Такви екипи, рече Тошковски, има распоредено и на другите сектори за внатрешни работи и не може да се издвои Општина Крива Паланка од која било друга општина.
„Сега-засега немаше никакви поголеми нарушувања на изборниот процес“,
рече министерот.
Тошковски додаде и дека утринава не било отворено едно гласачко место на територија на Општина Прилеп, но според неговите информации по 9 часот и на тоа место е започнат изборниот процес.
Инаку, од МВР велат дека ќе ги обезбедуваат гласачките места непрекинато за времетраење на гласањето, како и по затворањето на гласачкото место и за време на сумирањето на резултатите. Тие ќе ги отстрануваат сите неовластени лица од објектот и ќе го обезбедуваат избирачкиот одбор до предавање на изборниот материјал на општинската изборна комисија.
Според надлежностите, избирачкиот одбор се грижи за одржување на редот и мирот, но претседателот или заменикот на претседателот на одборот може да повика полиција за воспоставување ред, отстранување неовластени лица во објектот или во радиус од 100 метри од гласачкото место, како и за отстранување пропагандни материјали.
Во случај на нарушување на редот, временски непогоди или други вонредни околности, избирачкиот одбор може да го прекине гласањето. Исто така, гласањето ќе се прекине доколку приодот не го обезбедува полиција, а таа е повикана и не се одзвала. Ако прекинот трае подолго од еден час, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
МВР, исто така, апелира до сите граѓани и до политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од какви било активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.