На прашањето дали случајот за кој говори е политички мотивиран, министерот за внатрешни работи рече дека не би сакал да навлегува во детали, но дека постојат докази за конкретни потпалувања на пожари околу витални објекти од значење за државата
Вкупно 20 лица досега се приведени во врска со пожарите, за кои постојат сомненија дека се подметнати, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Дел од нив, како што рече, биле во куќен, дел во ефективен притвор, а дел се пуштени на слобода бидејќи се работи за малолетни лица.

„Државата оваа година покажува дека можело многу поинаку да се даде одговор на сите предизвици поврзани со пожарите во однос на претходно. И покрај тоа што ова лето можеби е најжешко од аспект на сувост на вегетацијата споредено со кое било лето претходно, барем од информациите што ги добивам од надлежните институции, мислам дека одговорот што го имаме е далеку поразличен од одговорот на државата во минатото и тоа е видливо на терен од аспект на сили кои ги имаме, на механизација, на дејствиија што ги презема Владата, навреме донесена забрана за движење во шумите – сето тоа дава резултат во однос на претходно“,
изјави министерот за внатрешни работи одговарајќи на новинарски прашања.
Тошковски рече дека дел од пожарите се подметнати од страна на организациска структура, за што, како што рече, постојат директни докази кои ќе бидат споделени со јавноста.
„Оние кои беа пиромани и индивидуално настапуваа при палење на пожари ги фативме. Но овие кои се организирани, особено околу пожарите околу Скопје, за кои имаше многу симптоматична временска и подрачна појава околу витални објекти од значење за државата – во однос на тие пожари имаме основани сомненија дека станува збор за една добро организирана група која ќе видиме понатаму која ѝ била целта“,
рече Тошковски.
На прашањето дали случајот за кој говори е политички мотивиран, министерот рече дека не би сакал да навлегува во детали, но дека постојат докази за конкретни потпалувања на пожари околу витални објекти.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во текот на викендот беше прашан да ги коментира шпекулациите и наводите во дел од медиумите дека функционер на ДУИ е вклучен во подметнувањето пожари во државата. Тој не даде конкретен коментар во врска со ваквите наводи, но рече дека постојат основани сомненија дека, особено она што се случи во Скопје, алудирајќи на пожарот во Визбегово, е организирана акција.