„Полицискиот службеник постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во предметната дискотека“, рече министерот

Бројот на загинати во пожарот во дискотека во Кочани се искачи на 59, соопшти попладнево министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Како што рече тој, 35 лица се идентификувани и од нив 31 лице се од Кочани, а четворица се од Штип.
„Од страна на МВР обезбедени се болниците каде што се сместени повредените и во зависност од нивната состојба ќе бидат извршени разговори со сите контактибилни лица. Разговори се извршени со над 10 лица што се хоспитализирани на клиниките во Скопје и со еден од членовите на бендот ДНК“,
рече Тошковски.
Бројот на повредени, според последните информации што ги соопшти Тошковски, се искачи на 155 лица и тие се хоспитализирани во повеќе болници низ државата.
Министерот соопшти дека во пожарот животот го загубил и еден полициски службеник од полициската станица во Пробиштип кој бил службено ангажиран.
„Полицискиот службеник постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во предметната дискотека“,
рече Тошковски.