Компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље на 2 јануари 2025 година потпишала договор со Електрани на Северна Македонија во вредност од околу 1,15 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина во рудникот Брод-Гнеотино за потребите на РЕК „Битола“. Станува збор за постапка со преговарање без објавување оглас. ЕСМ ја правдаше итноста со раскинувањето на претходниот договор за истата намена со „Марковски компани“ која, според Електрани, не ги исполнувала обврските од договорот
Фирмата „Топлина“ беше еден од подизведувачите во раскинатиот договор со „Марковски компани“. Според ЕСМ, „Топлина“ нема вина бидејќи одговорноста е кај носителот на набавката

Компанијата „Топлина“ од охридско Подмоље е само привремено решение за ископ на јаглен за потребите на РЕК „Битола“, откако „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) го раскина претходниот договор за таа намена со „Марковски компани“. Ова е објаснувањето од државната ЕСМ, на прашање на „360 степени“, откако вчера на Бирото за јавни набавки беше објавен договор во вредност од 1,15 милиони евра со охридската фирма.
Тоа значи дека допрва ќе се бира фирма или фирми кои ќе копаат јаглен на подолг рок и во поголем обем. За потсетување, раскинатиот договор со „Марковски компани“ тежеше 46 милиони евра за период од 18 месеци.
Големиот тендер допрва доаѓа
Според вчерашното известување на Бирото за јавни набавки, договорот меѓу ЕСМ и „Топлина“ е склучен на 2 јануари 2025 година. Во објавата и во договорот може да се прочита дека станува збор за т.н. „договор во четири очи“.
Од ЕСМ за „360 степени“ потврдија дека станува збор за постапка паралелна со јавниот оглас кој беше објавен на 13 декември 2024 година.

„Станува збор за привремено ангажирање на економски оператор до изборот на изведувач на објавениот јавен повик за истиот предмет на набавка, за кој постапката за избор на изведувач е сè уште во тек.
Изборот е направен со претходно добиена согласност од Бирото за јавни набавки испратена до АД ЕСМ на 17 декември 2024 година, преку постапка со преговарање во случај на крајна итност, согласно член 55, став 1 од Законот за јавни набавки. Итноста се должи на потребата од обезбедување доволни количини јаглен за континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните ’Битола’- согласно планот за производство“,
ни одговорија од ЕСМ.
Следствено, допрва ќе се одлучува за главната набавка, распишана на 13 декември 2024 г.
А кога станува збор за постапката за преговарање без објавување оглас во која е избрана „Топлина“, ЕСМ доставиле покана до пет фирми, но добиле уште само една понуда. Станува збор за позната компанија кога е во прашање копањето јаглен и јаловина во времето на сите претходни власти – „Пелистер“ од Битола.
Зошто „Топлина“ е добра, а „Марковски компани“ не
Копањето јаглен и јаловина за потребите на РЕК „Битола“ од приватни фирми е услуга што ја чини државната компанија и до 50 милиони евра годишно. Последниот голем договор за таа намена беше потпишан со „Марковски компани“. Стануваше збор за рамковна спогодба во висина од 46 милиони евра за 18 месеци.
Како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше „Марковски компани“ како фирма блиска на СДСМ, особено откако беше потпишан договорот од 46 милиони евра на почетокот на 2024 година. Зошто? Затоа што „Марковски“ имаше тројца подизедувачи од кои две фирми од Струмица.
Третиот подизведувач што ВМРО-ДПМНЕ никогаш не го нападна беше „Топлина“. Па, прашавме во ЕСМ, зошто ја избрале „Топлина“ кога беше партнер на „Марковски компани“ во тендер кој е поништен поради неисполнување на обврските?
„Фирмата ’Топлина’ како оператор се јавува како подизведувач во раскинатиот договор со претходниот носител на набавката. Согласно член 88 став 4 точка б од Законот, договорниот орган може да го исклучи од постапката единствено понудувачот чија понуда била избрана за најповолна. Договорот за јавна набавка се склучува со понудувачот чија понуда е избрана за најповолна, а не со подизведувачот. Подизведувачот не одговара неограничено и солидарно пред договорниот орган за обврските преземени со понудата“,
ни одговорија од ЕСМ.
Поскапо или поевтино
И ако се расчисти вчерашната дилема – дали тендерот од 1,15 милиони евра со „Топлина“ е само бајпас-решение, останувa нејасно дали ЕСМ сега плаќа поскапо или поевтино за искпопот на јаглен и јаловина по единица мерка.
Во раскинатиот договор со „Марковски компани“ стоеше дека ЕСМ ќе плаќа 129,7 денари по GJ (гигаџул).

Во договорот со „Топлина“ објавен вчера се наведени две цени и тоа за две различни мерни единици. Едната е за единица мерка енергија, односно 49 денари за GJ (гигаџул).
Другата е за волумен. Предвидена е цена од 212,85 денари без ДДВ по ископан м³ (кубен метар).

Затоа побаравме појаснување од ЕСМ – како и по која единица ќе се врши пресметката бидејќи во договорот со „Марковски компани“ во цената беше спомната само енергетската вредност. Од ЕСМ ни одговорија дека едната единица мерка е за ископаниот јаглен, а другата е за јаловината:
„Според побараните услови во постапката со избраниот изведувач е испреговарно за ископ на јаглен по цена од 49 денари по GJ, односно од 212,85 денари по m³, за ископ на јаловина“.
Ако се спореди само цената за енергетската вредност, се добива впечаток дека новиот договор е за два и пол пати поевтин од претходниот. Но, тоа е само привид бидејќи вообичаено при копањето се вади многу повеќе јаловина отколу јаглен. А јаловината нема никаква употребна вредност во производството на електрична енергија, односно завршува на буниште.

Без многу детали, во посебно соопштение до сите медуими, ЕСМ тврди дека новиот договор е поевтин од претходниот.
„Според преговараните услови, избраниот изведувач ќе ги извршува задачите за речиси 15 отсто пониска цена во однос на економскиот оператор со кој на почетокот на минатиот месец РЕК ’Битола’ еднострано ја раскина соработката поради непочитување на одредбите од договорот“,
соопштија од ЕСМ.
Сега погледите се свртени кон големиот тендер за ископ на јаглен кој ЕСМ го објави на 13 декември 2024 година. Краен рок за поднесување понуди беше 2 јануари годинава.