Обвинителот Рустеми во изјава за медиумите зборуваше и за тоа дали затезна камата може да се смета за штета и порача дека до исплаќање на затезната камата во случајот дошло поради дејствијата што ги презеле обвинетите и затоа има и штета
По денешната пресудата во случајот „Топлик“ со две затворски и четири условни казни, обвинителот Бурим Рустеми рече дека е задоволен освен од казната за еден од обвинетите, Димитар Димовски, кој доби условна казна. Адвокатот Панче Тошковски, кој е бранител на истиот обвинет, пак, вели дека денеска правосудството го допрело дното.
Во случајот ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески ја доби една од затворските казни – три години и шест месец, а другата ја доби претседателот на Комисијата за јавно наддавање, Томе Ѓурчинов – три години. Другите четворица обвинети како членови на оваа комисија добија условни казни.
Рустеми во изјава за медиумите најави дека можеби ќе поднесе жалба единствено за условната казна на Димовски бидејќи смета дека треба да сноси поголема одговорност.
„Задоволен сум од изречената казна за обвинетите освен што сметам дека најверојатно може да се жалам за еден од обвинетите за кое не сум задоволен од казната, а тоа е за лицето Димитар Димовски. Важно од изведените докази сметам дека тој имал значајна одговорност во кривично правниот настан. Тоа произлегува и од дел од исказите на сведоците кои наведуваат дека од негова страна и од страна на првообвинетиот (Миле Јанакиески) доживеале притисок во нивната работа во врска со кривично-правниот настан“,
го објасни Рустеми својот став.
Адвокатот Тошковски, исто така, најави жалба бидејќи смета дека неговиот клиент нема никаква вина и во изјавата пред медиумите обвини за инструкции испратени до судот.
„Денес македонското правосудство го допре дното затоа што една изјава на една наша позната обвинителка ’јас мечка да обвинам, судот мечка ќе осуди‘, денеска се потврди. Денеска се потврди како секој еден човек за кое било дејствие кое ќе го преземе во својот живот, ако има соодветни инструкции на крајот на денот може да се најде на осудителна клупа и да биде осуден без разлика дали е виновен или не за она што го направил. Без разлика дали има штета или нема, без разлика дали во кривичната постапка дојде оштетен и кажа дека е оштетен, без разлика дали јавниот обвинител има законски овластувања да ја води постапката или нема, без дали јавниот обвинител постапува во прв степен или постапува и како виш јавен обвинител, без разлика дали имаме незаконито вештачење изработено од страна на вештак за кој е донесено решение од надлежна институција дека не може да биде вештак во постапка, без разлика дали од страна на клиентот ќе биде изведен каков било доказ што е предложен од негова страна вербално“,
рече Тошковски.
Рустеми пред новинарите одговараше и на прашања во врска со тоа дали бил во Владата на средба со поранешниот генерален секретар Драги Рашковски околу тоа дека првично немало, па потоа бил издаден документ дека има штета и дали затезната камата исплатена поради раскинатиот договор може да се смета за штета, како што е случај со предметот „Топлик“.
Обвинителот потврди дека бил на средба во Владата, без конкретно да наведе дека тоа било со Рашковски, одговари дека состанокот што е остварен во Владата е остварен со лицата кои се државни претставници и дека не се сретнал со никого приватно за овој предмет.
Меѓутоа, исто како и судот, и Рустеми порача до исплаќање на затезната камата дошло поради дејствијата што го направиле обвинетите и затоа има и штета.
„Како што веќе кажа судот, затезната камата претставува последица од дејствијата преземени од обвинетите односно од сите прекршувања од страна на обвинетите. Затезната камата претставува директна последица од нивните дејствија. Значи, ова не претставува некој граѓанско-правен однос па да се заклучи дека камата не е штета. Ако се гледа како целина кривично-правниот настан лесно се заклучува дека таа е последица на дејствијата на обвинетите“,
рече Рустеми.