Во продолжение ви ги претставуваме петте најгледани стории и видеа објавени на нашата веб-страница и на нашите канали на социјалните мрежи во изминатите 365 дена
Во целата 2023 година на вести, брзо и проверено информирање, се трудевме да ви ги овозможиме најважните домашни и светски наслови. Посветено, секој ден, екипата на „360 степени“ се трудеше да ги задоволи интересите на своите верни читатели и следбеници на социјалните мрежи за актуелните случувања. Отворивме многу чувствителни теми дома, како политички така и социјални.
Во продолжение ви ги претставуваме петте најгледани стории и видеа објавени на нашата веб-страница и на нашите канали на социјалните мрежи во изминатите 365 дена. Нивната популарност, ја направија вашите „кликови“ и реакции.
Среќна Нова 2024 година! Со искрени желби за многу здравје и успех и во новата година…
5 најгледани стории на „360 степени“ за 2023 година:
(ВИДЕО) Деца без проблем купуваат „снус“ по трафиките, иако воопшто не треба да го има на полиците
Популарно ги викаат „снус“, а всушност станува збор за никотински кесички. Оригинално наводно измислени како производ за одвикнување од пушење, никотинските кесички се најпопуларни кај тинејџерите како алтернатива на цигарите. А некои од нив содржат и 13 пати повеќе никотин отколку што има во една цигара.
Се продаваат во пакувања како за бонбони, изгледаат шарено и модерно, и иако на декларацијата пишува дека не се за малолетници, во земјава многу лесно до нив доаѓаат и деца. Нашите проверки на терен открија и други проблематични аспекти – на пример, дека таков производ не препознава нашата законска регулатива и дека поради тоа и не можел легално да се најде на пазарот. Некој, во меѓувреме, го сфатил тоа и го стопирал увозот
(ВИДЕО) Мечките во Жировница убиваат домашни животни, луѓето во страв дека тие може да се следни
Мечки во Маврово има откако се памти. Но, во шумата, не по селата. Владата, во меѓувреме, пресече – ловот на мечка е трајно забранет, па спасот ќе се бара во други методи – чистење на ѓубрето, успивање и дислокација на мечките, па дури и прихрана во планина.
Како живее Жировница додека се чека владините мерки за заштита на луѓето од мечките да почнат со примена на терен.
(ВИДЕО) Се гледа крајот на рокот, но не и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид
Сликата на терен остава впечаток дека нема реални изгледи изградбата на автопатот од Кичево до Охрид да заврши во 2023 година, како што е предвидено и со закон. Договорот за изградба на делницата е потпишан пред точно 10 години со кинески „Синохидро“, а за тоа досега се потрошени 421 милион од предвидените 598 милиони евра, иако првичната сума за проектот беше 374 милиони.
Веќе контроверзниот проект, сепак, има и светли точки. На делницата Кичево-Охрид е изграден вијадукт со најдолг распон меѓу два столба во Македонија (165 метри), а во неговата изведба учествувал младиот и талентиран градежен инженер Филип Трајковски од Демир Хисар.
(ВИДЕО) Даштевски овластен од тештата да го финализира купувањето куќа на Халкидики
Куќа во местото Елани, на првиот крак на Халкидики, во Грција, од пред половина година се води на име на мајката на сопругата на актуелниот претседател на Државната изборна комисија, Александар Даштевски. 75-годишната пензионерка од Куманово го ополномоштила зетот Даштевски, а не, на пример, некое од своите деца, да ја води и заокружи купопродажбата на имотот од 111 метри квадратни. Дополнително, официјалната вредност на куќата наведена во нотарските акти од 110 илјади евра е најмалку двапати помала од пазарната цена на слични недвижнини во Елани. Екипа на „360 степени“ беше во потрага по документите и куќата на Халкидики.
(ВИДЕО) Опожарениот мост го држат затегнати челични кабли, но кој и како ќе пресече дали се оштетени
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, испратила барање за утврдување на оштетувањата на мостот „Беласица“ до Градежниот факултет при УКИМ. Но, само неколку дена подоцна таа одржа прес-конференција на мостот со тврдење дека нема сериозни штети на него. На настанот стана јасно и дека за експертизата е најмена приватна фирма.