Владата „нареди“ контроли во неколку државни институции, по документарниот филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во која редакцијата објави дека во земјава се увезувало опасно масло под превезот дека е „мазут“, кој потоа се користел за греење и како гориво во индустријата
Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, и актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, почнаа вербална „војна“ за случајот. Градоначалникот на Кавадарци бара итен одговор од институциите, Кочо Анѓушев најавува тужби против новинарите
Владата ја оцени како вонредна и итна информацијата, објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и, како што објави ИРЛ, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.
Претходната реченица е почетокот на владиното соопштение по денешната 71 седница, во кое извршната власт за првпат реагираше по истражувачкиот документарен филм на редакцијата на ИРЛ, два дена по неговото објавување. Од „Илинденска“ велат дека, на предлог на вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупче Николовско, решиле да направат „брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации“.
Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен.
Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.
Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати
Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.
Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.
се вели во соопштението на Владата.
На крај, од Владата ветуваат дека Владата „редовно ќе ја информира јавноста“ за сите информации со случајот.

Јанчев: Барам истрага
Според документарецот на Истражувачката репортерска мрежа (ИРЛ), токсичното масло во земјава го увезла кичевската компанија „Евротим“. Потеклото е од чешката „Унипетрол“, а посредник во приказната е „Хифа оил“ од Босна и Херцеговина. Проблемот е што производот ја напуштал Чешка како „residual“, односно масло со лош квалитет кое во ЕУ е забрането да се гори во урбани средини, а во земјава влегувало како „мазут“. Според ставот на Државниот пазарен инспекторат, праксата поминала незабележана бидејќи, според домашната легислатива, тие го проверуваат само количеството на сулфур при увоз, кој пак најчесто бил во дозволени количини.
Најголемиот купувач и потрошувач на мазутот кој го увезла кичевската „Евротим“ е фабриката „Еуроникел“, односно поранешно ФЕНИ во Кавадарци. Градоначалникот денеска побара реакција од сите надлежни институции.
„Не смееме како градоначалник и општина да дозволиме интересот на бизнисот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увоз на отпадно гориво кое е забрането во Европска унија, а кај нас се увезува како мазут и се употребува, знаејќи дека тоа има смртоносни последици некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните државни институции како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, царинската управа и инспекторатот за животна средина да ги испитаат изнесените информации во истражувањето во емисијата и да постапат доследно своите надлежности“,
изјави Јанчев.

Брзо реагираше и компанијата „Еуроникел“. Тие не демантираа дека купувале „мазут“ од кичевски „Евротим“, но појаснија дека низ годините кога го правеле тоа, не забележале зголемено загадување на воздухот околу фабриката што, патем, го мерат 24 часа.
„Дополнителен мониторинг вршат и акредитирани лаборатории и сите овие податоци постојано се поднесуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Во изминатите три години, мерењата покажуваат дека квалитетот на воздухот е одличен. Сите овие податоци се јавно достапни“,
соопштија од „Еуроникел“.
Од компанијата додаваат и дека тие немаат обврска да го проверуваат квалитетот на репро материјалите кои се увезуваат, туку дека тоа е должност на увозникот. Но, додаваат дека на своја рака правеле контроли кои не покажале отстапувања.
„Како компанија, за наши потреби бидејќи всушност квалитетот на репроматеријалите, вклучително и мазутот, е важен за нашиот технолошки процес, вршиме интерни контроли на квалитетот на истиот, согласно ИСО 9001 стандардот за квалитет, кој е имплементиран во нашата компанија. Покрај овие контроли, користиме и контрола од страна на акредитирани лаборатории. До сега од наша страна не се забележани неправилности“,
велат од „Еуроникел“.

Бектеши: Пауновски лаже vs Пауновски: Бектеши лаже
Главниот официјален извор во истражувањето на ИРЛ е екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски. Освен што во документарниот филм наведе дека, според правилниците, тие имаат ингеренции да го проверуваат само сулфурот при увоз на мазут, кажа и дека за пронајдените други неправилности го известил Министерството за економија.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја „врати“ топката. Тврди дека Пауновски не го известил ниту него, ниту Владата, а и можел подобро да си ја врши одговорноста ако ја користел мобилната лабораторија за да направи анализи.
„Јас не би сакал да го користам зборот дека во тоа истражување директорот лажел, но кажал многу невистини имајќи во предвид дека токму ова мобилна лабораторија можело да се користи да се направат такви проверки, а тој ниеднаш ниту се обратил во Министерство за економија, ни во Бирото за метрологија, не ни ја известил Владата ако имал такви сознанија. Не е вистина дека единствен критериум за увоз на мазут е нивото на сулфурот. Во правилникот за квалитетот на течните горива во втората одредба е наведено дека треба и други карактеристики да се исполнуваат согласно стандардот МК Б.Х.430 и таму е и нивото на пепел, и нивото на количината и слично. Тие контроли требало да ги направи Пазарниот инспекторат“,
изјави денеска Бектеши.
Пауновски одговори набрзо дека Бектеши е тој кој не ја кажува вистината. Екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат тврди дека институцијата никогаш не ја добила опремата.
„Вистината е дека таква лабораторија беше набавена во 2019 година од страна на Владата, а јас, премиерот Зоран Заев и министерот Крешник Бектеши истата ја промовиравме заедно во јавноста како проект кој ќе ни помогне да вршиме квалитетна и независна контрола на нафтените деривати. Тоа требаше да биде револуција бидејќи дотогаш (и се уште), нафтената индустрија во земјава, иако претставува еден од најголемите загадувачи на животната средина, повеќе од една деценија е оставена сама да си го контролира квалитетот на горивата. Лаборатијата никогаш не ни беше дадена и истата не е употребувана од наша страна, бидејќи министерот за економија не дозволи таа да оди под владение на Пазарниот инспекторат. За тоа две години се води и спор помеѓу Инспекторатот и Бирото за метеорологија, на кого и беше доделена лабораторијата.
напиша екс-директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, на својот „Фејсбук“ профил.
Анѓушев: Ќе тужам
Меѓу приватните компании во земјата кои користеле масло од увозникот „Евротим“ од Кичево е и компанијата „Брако“ од Велес, каде сопственик е бизнисменот, но и поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев. Според истражувањето на ИРЛ, увозот на наводниот мазут во земјава почнал по средба меѓу Анѓушев и сопственикот на „Хифа оил“, Изудин Ахметлиќ. Во реакција до јавноста, Анѓушев потврди дека остварил таква средба, но дека Ахметлиќ дошол во земјава како претставник на коморското здружение „Бизнис центар“.

„На средбата е дискутирано исклучиво за поканата кон македонската влада за учество на саем и бизнис-форум и во ниту еден момент на таа средба не е спомнат мазут или која било друга тема. Во времето додека беше потпретседател на Владата за економски прашања, г. Кочо Анѓушев има остварено преку 4.000 официјални средби“,
се вели во соопштението.
Но, во соопштението, се додадава дека Анѓушев не добил можност да одговори на обвинувањата против него. Во документарниот филм беше емитуван и сегмент каде новинарите не можат да го добијат на мобилен телефон или преку пораки. Анѓушев тврди дека одговорил набрзо потоа и понудил став, кој не му бил земен во предвид. А ставот бил дека „Брако“ ниту увезува, ниту може да проверува квалитет на мазут купен од домашниот пазар, енергенс кој компанијата и така го користела во мали количини.
„Новинарката Сашка Цветковска ова сето можеше да го дознае и да го изнесе во емисијата доколку имаше желба. Контактот со неа беше веднаш воспоставен по телефонскиот повик кој беше емитуван во емисијата, но и по 3 месеци од поканата да дојде во просториите на Брако и да се информира или да сними изјава од официјален претставник, таа не најде за потребно да сними или да испрати прашање, но напротив си даде за право да прави крајно непрофесионални и тенденцизни шпекулации, и со тоа да ѝ нанесува штета на една од поуспешните македонски компании – истакнуваат од таму“,
се вели во соопштението.
Одговор на Анѓушев му испрати уредничката на ИРЛ, Сашка Цветковска. На „Фејсбук“ напиша дека се „подготвени за сите предизвици“.
„Господинот Кочо Анѓушев најави тужба за мене и ИРЛ по повод првата епизода на #редакција, но истакна дека ја почитува слободата на изразување. Подготвени сме за сите предизвици. Срдечно, тимот на Investigative Reporting Lab Macedonia“,
напиша новинарката Сашка Цветковска на својот „Фејсбук“ профил.
*Поврзана вест: