Тодоров во своето излагање ги посочи тумор-бордовите како и клиничката патека за дијагностицирање и лекување малигни болести како клучни за правилно лекување на пациентите. Тој посочи дека ова требало да биде надополнето и со КАТО-системот и рече дека е штета што тој престанал да функционира, наместо да се надградува
Страшно е тоа што се зборува дека се случило на Клиниката за онкологија, но уште пострашно е што до денес, никој со сигурност не може да потврди што точно се случило и ако има некои незаконски дејствија, кои се и од кои мотиви некој истите ги сторил, изјави денеска во своето сведочење пред Анкетната комисија за Онкологија во Собранието, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
Според него, единствената работа на која треба да се инсистира во овој случај е секоја информација да се истражи и да се утврди што е вистина, а што е намерно или ненамерно пласирана дезинформација, за да се постигне некаква корист и воедно да се испита каде затаил системот.
Тодоров во своето излагање ги посочи тумор-бордовите како и клиничката патека за дијагностицирање и лекување малигни болести како клучни за правилно лекување на пациентите. Тој посочи дека ова требало да биде надополнето и со КАТО-системот и рече дека е штета што тој престанал да функционира, наместо да се надградува.
Поранешниот министер повика на одговорност и затворање на овој случај, како што рече, „од правен аспект“.
Тодоров по излагањето одговараше на прашања на претседателката на Анкетната комисија за Онкологија и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, како и на повеќе пратеници, во однос на функционирањето на Клиниката за онкологија, набавката на лекови, КАТО-системот, трошењето на средствата од буџетот на јавните здравствени установи и друго.
Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети и Магдалена Филиповска Грашковска.
Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.
Наводите за злоупотреба на лекови на Клиниката предизвикаа реакции во јавноста и низа протести.
