На новинарско прашање како ќе се постават на барањето на ДУИ и СДСМ, кои побараа интернационална комисија, односно формирање анкетна комисија за трагедијата во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски вели дека неговата партија нема да бега од анкетна комисија, но би сакал таа да се прошири

Обвинителот кој ја води истрагата за Кочани е истиот тој кој политичките партии ДУИ и СДСМ го изгласаа, а утрото во Кочани пред осум часот во просториите на МВР тој (републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски н.з) пристигна со двајцата свои соработници – Ислам Абази и Гаврил Бубевски, за кои ви е јасно од каде доаѓаат и од кои тефтерчиња беа избрани – одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање како ќе се постават во однос на барањето на ДУИ и СДСМ за формирање посебна парламентарна и интернационална комисија, односно формирање анкетна комисија бидејќи двете опозициски партии не се задоволни од начинот на кој се води истрагата за несреќата во Кочани во која загинаа 59 млади лица.
Мицкоски вели дека фактот што тие не продолжиле со процесот на промена на обвинителот не значи дека заборавиле од каде доаѓаат и што правеле, туку нивното повлекување во моментот значи оставање простор за да се даде јасен одговор и одговорност за секој кој има и најмало учество во оваа трагедија.
„Не е ова трајно. Будно ја следиме работата. Истите овие беа миленици на СДСМ и ДУИ, кои сега велат дека не се заодовлни од истрагата која ја прават. Јас би ги прашал дали беа задоволни од истрагата за модуларната болница, истрагата за Ласкарци, ‘Беса транс’, ‘Соравија’ и уште многу други истраги кои беа во јавноста познати. Јас не бегам од никаква анкетна комисија, претпоставувам дека ниту пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да бега, но би сакал да ја прошириме со овие судски случаи кои завршија на начин на кој завршија, подготвени сме да разговараме и дебатираме со секој кој смета дека може да даде додатна вредност на секој процес“,
рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали ќе се разговара за заеднички кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за локалните избори во Кочани, Мицкоски рече дека сè уште е рано да се размислува за такви работи бидејќи раните од трагедијата сè уште не се залечени и оти е прерано да се прават такви комбинации.
„Таков тип на пораки ќе биде дополнителна болка за луѓето кои ги загубија своите најблиски. Сè уште 40 дена не се поминати од овој настан, а некој размислува за избори, градоначалници“,
изјави премиерот.
Владината портпаролка Марија Митева претходно соопшти дека Владата ќе ја прекине постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски дури и доколку добие мислење од Советот на јавни обвинители во врска со предложеното разрешување. Во оваа смисла, владината портпаролка додаде дека Советот на јавни обвинели ќе постапува согласно роковите.
Изјавата на портпаролката на Владата следуваше откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ќе биде запрена поради трагедијата во Кочани на чија истрага работи тим од 11 обвинители. Во оваа смисла, Мицкоски рече дека на обвинителите кои работат на случајот од Кочани треба да им се даде шанса да работат и да сработат.