На барање на Хрватска, ЕУ го активираше механизмот за цивилна заштита за да и помогне на земјата по разорниот земјотрес од 6,3 степени според Рихтер што ги вчера ги погоди Петриња и Сисак
Пет нови потреси со јачина од 2,4 до 1,2 степени според европската макросеизмичка скала се регистрирани на подрачјето на Петриња и Сисак во изминатиов еден час, објави Европскиот макросеизмички центар со седиште во Франција.

На барање на Хрватска, ЕУ го активираше механизмот за цивилна заштита за да и помогне на земјата по разорниот земјотрес од 6,3 степени според Рихтер што ги вчера ги погоди овие два града и областите околу, при што загинаа седум луѓе, а причинета е огромна материјална штета.
Неколку земји понудија итна помош во контејнери за домување, зимски шатори, вреќи за спиење и греалки.
Европската комисија соопшти дека Австрија, Бугарија, Чешка, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шведска и Турција одговорија на повикот за итна помош.

Комесарот за кризи Јанез Ленаршиќ и потпретседателката на Комисијата Дубравка Шуица пристигнаа во Хрватска на средби со премиерот Андреј Пленковиќ. Заедно со министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ ќе ја посетат Петриња, која беше најтешко погодена од земјотресот.

„Додека жалиме за мртвите и планираме обновување, треба да научиме и лекции со цел да ги избегнеме овие трагедии, онаму каде што е можно. Иако природата не може да се контролира, можеме да влијаеме како и каде живеат луѓето“,
рече Шуица, додавајќи дека работи на предлози за руралните области и подготвува иницијативи за урбаните области.
Хрватската Влада на денешната седница го прогласи 2 јануари за Ден на жалост во земјата поради жртвите од вчерашниот земјотрес.
