По едногодишни преговори со властите во Бејрут, денеска од Сирија во Албанија пристигнаа четири деца и една жена, инаку албански државјани, кои веќе неколку години беа сместени во кампот „Ал Хол“ во Сирија.
По пристигнување, премиерот на Албанија, Еди Рама, кој и самиот долета од Бејрут заедно со групата, кажа дека со ова се завршува првата фаза од една „заплеткана“, но успешна операција. Рама кажа и дека е уште поважно што сега имаат основа да продолжат со втората фаза за враќање и на останатите деца што се во Сирија.
„Имаме основа да продолжиме со втората фаза. Останатите деца се идентификувани, направени се добар дел од контактите и интервјуата и верувам дека во догледно време ќе вратиме и друг дел, тука во Албанија.“
рече Рама.
Рама за оваа успешна операција му се заблагодари на генералот Абас Ибрахим од Либан, кој потврди дека операцијата за враќање на албански државјани ќе продолжи.
„Сето ова е овозможено благодарение на структурата предводена од генералот Абас Ибрахим во Либан. Денес ми потврди дека операцијата ќе продолжи. Сега имаме целосна слика. Вистина е дека некои деца се исто така со свои тешкотии. Не сакам да давам детали бидејќи тие можат да ги компромитираат воспоставените односи.“
изјави Рама.