Кога и зошто е воведено летното сметање на времето: Сторија на „Би-би-си“ на српски јазик
Тик-так. Време е повторно да го поместите часовникот. И не, нема да спиете подолго ако однапред ја пресметате разликата. На зимско сметање на времето се преминува секој последен викенд во октомври, ноќта помеѓу сабота и недела – кога стрелката се поместува од три на два часот. Благодарение на паметните телефони, компјутерите и другите уреди поврзани на интернет – тоа често завршува автоматски, пишува „Би-би-си“ на српски јазик во сторија посветена на поместувањето на стрелките на часовникот.
Европската комисија во 2018 година предложи да се укине сезонското поместување на часовникот, така што се очекуваше оваа година да биде последно помесување на времето.
Зошто е воведено летното сметање на времето?
Основната идеја е подобро да се искористи дневната светлина. Во лето, кога деновите се подолги, часовникот се поместува за да се „украде“ еден утрински час, за подоцна да се стемни.
Ова првпат го замислил американскиот политичар и научник Бенџамин Френкли , уште во 1784 година. Објавил есеј во кој предлага луѓето да стануваат порано и на тој начин да заштедат на свеќи.

Летното сметање на времето првпат го воведе Германија во 1916 година, а неколку недели подоцна и Велика Британија, кои тогаш беа среде Првата светска војна и за нив беше многу важно најдобро да ја искористат дневната светлина и да го зачуваа јагленот.
Следната година тоа го направи Русија, а во 1918 година и САД. Меѓутоа, во време на мир, тоа не заживеа во Америка.
Под притисок на земјоделците, американскиот претседател Вудро Вилсон набрзо го укина летното сметање на времето, наведувајќи дека земјата се враќа на „божјото време“.
Летното сметање на времето пристигна во тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, за прв пат, дури на 27 март 1983 година.
Каде сè се користи?
Дури 110 од 192 земји во светот користат летно сметање на времето, а не се користи во Кина, Јапонија, Јужна Кореја и низ африканскиот континент, пишува National Geography .
Повеќето земји што го користат се во Европа и во Северна Америка. Исланд е исклучок, бидејќи е многу посеверно од цела Европа и има поекстремни варијации на дневна светлина и темнина во текот на годината, така што нема голема корист од поместувањето на часовникот.
Белорусија, Грузија и Русија исто така избраа да имаат исто време во зима и лето.
За земјите на Екваторот, каде што дневната светлина е приближно иста во текот на годината, нема потреба од такви заштеди.
Така е во Аризона и Хаваи, кои имаат сонце во текот на целата година. Сите други сојузни држави во Америка го поместуваат часовникот во пролет и во есен.
Добри и лоши страни
Во 2001 година, членките на ЕУ беа обврзани да воведат т.н. летно сметање на времето, со цел трговијата и транспортот на заедничкиот пазар да се одвиваат непречено и да се намалат трошоците за енергија.
Дополнителните дневни часови во летниот период би можеле да ги намалат трошоците на граѓаните за вештачко осветлување и да им овозможат слободното време да го поминуваат на отворено.
Сепак, се покажа дека вистинската заштеда на енергија е прилично маргинална.
Намалувањето на струјата се компензира со зголеменото користење на греење или климатизација, како и гориво во возилато. Во исто време, некои од главните трговски партнери на ЕУ – како Кина, Русија и Турција – не го поместуваат часовникот.
Зимското сметање на времето се одбројува до последниот викенд во март.
Како тоа влијае на здравјето на луѓето?
Некои научни студии покажаа дека промените на часовникот имаат негативни ефекти врз здравјето на луѓето.
Една студија на Европската комисија наведува дека „ефектот врз биоритмите на луѓето би можел да биде посериозен отколку што првично се мислеше“.
Се верува дека тоа може да доведе до нарушување на спиењето, но и до зголемен број на срцеви удари и кардиоваскуларни проблеми. Понатаму, тоа може да влијае и на зголемување на бројот на сообраќајни незгоди.
Исто така, поместувањето на часовникот значи дека децата наутро одат на училиште во есенските месеци, што може да биде опасно.
Од друга страна, авторите Џенифер Долиак и Николас Сандерс наведуваат дека најголем број улични злосторства се случуваат во текот на попладневните часови, помеѓу 17 и 20 часот, и препорачуваат летно сметање на времето.
Тие веруваат дека повеќе природна светлина во тој период може да им помогне на жртвите и минувачите да ги видат можните закани, како и да ги идентификуваат сторителите подоцна.