Европската десница денеска се соочи со сериозен политички потрес, откако во ист ден пристигнаа две вести од Велика Британија и од Франција. Лидерот на британската партија „Реформ УК“, Најџел Фараж, поднесе оставка како пратеник, додека во Париз, Апелациониот суд ја потврди вината на Марин Ле Пен за проневера на европски фондови
Британскиот политичар и архитект на „Брегзит“, Најџел Фараж, предизвика политички шок во Лондон со објавата дека поднесува оставка од пратеничката функција за изборната единица Клактон. Ваквиот радикален чекор доаѓа како директен одговор на огромниот јавен притисок и двете активни официјални истраги на парламентарниот комесар за стандарди во врска со неговите сомнителни лични финансии и големи непријавени донации.
Првиот скандал изби по откритието дека Фараж примил огромен финансиски подарок во вредност од 5 милиони фунти од крипто-милијардерот Кристофер Харборн, сума која политичарот ја опиша како „добивка на лотарија“ и тврдеше дека ја чува исклучиво за покривање на сопствените доживотни трошоци за безбедност.

Дополнителен револт во јавноста предизвикаа најновите извештаи во медиумите дека тој со месеци користел луксузна куќа во близина на Бакингемската палата и добивал логистичка поддршка за социјалните мрежи финансирана од неговиот близок соработник Џорџ Котрел, кој претходно лежел затвор во САД поради измама.
Поради сето ова, неговата популарност во британската јавност се соочува со сериозен пад иако со оставката тој предизвика вонредни локални избори на кои најави дека повторно ќе се кандидира за да побара нов мандат.
„Ова ќе бидат избори на кои народот ќе се бори против естаблишментот. Не направив ништо погрешно, а граѓаните на Клактон нека бидат судии за моите постапки“, изјави Фараж, обвинувајќи ги институциите дека ги користат правилата како политичко оружје.
Опозицијата и ривалите го обвинуваат дека со распишувањето на овие избори прави евтин политички трик за да го сврти вниманието од финансиските контроли и да ги суспендира тековните парламентарни истраги против него, додека самиот Фараж во својот препознатлив популистички стил ги отфрла обвинувањата, тврдејќи дека не прекршил ниту еден закон и дека целиот процес е оркестриран напад од страна на политичкиот естаблишмент со цел да се уништи неговата партија
Судот во Париз пресече: Ле Пен е виновна, но има шанса за претседателската трка
Речиси во исто време, во Париз, Апелациониот суд ја потврди вината на поранешната лидерка на француската десница, Марин Ле Пен, за системска проневера на пари од Европскиот парламент преку фиктивни вработувања на партиски кадри во периодот меѓу 2004 и 2016 година. Судиите ѝ одредија казна затвор од три години (од кои две се условни а едната ќе ја отслужи дома со електронска алка за следење) и парична казна од 100 000 евра. Сепак, клучниот правен пресврт кој предизвика огромно олеснување во нејзините редови е одлуката на судот драстично и ја намали првичната забрана за вршење јавна функција, со што таа по 15 месеци, технички го задржува правото да се кандидира на наредните претседателските избори во 2027 година.
Самата Ле Пен ја оспори пресудата и јавно порача дека нема намера да ја води својата изборна кампања со електронска алка на ногата, па затоа најави следна правна битка и поднесување жалба до Касациониот суд со цел целосно да ја суспендира казната.

Овој долготраен судски процес сепак значително го забрза пренесувањето на политичкиот легитимитет во нејзината партија „Национален собир“, каде што нејзиниот триесетгодишен штитеник Жордан Бардела веќе се наметна како нов, неприкосновен и исклучително популарен лидер на француските суверенисти. Како актуелен претседател на партијата, Бардела веќе е официјално позициониран како главен десничарски кандидат кој ќе ја предводи трката за претседателската функција во 2027 година, додека партиското раководство целиот случај против Ле Пен продолжува да го користи како моќно политичко оружје, тврдејќи пред гласачите дека пресудата е чист политички прогон со цел да се елиминира нивната движечка сила од француската политичка сцена.
Фараж и Ле Пен со години важат за клучни столбови на европскиот десен популизам и евроскептицизам. И двајцата беа пратеници во Европскиот парламент каде што изградија силни позиции напаѓајќи го Брисел. Тие сериозно влијеа на трансформацијата на политичкиот пејсаж не само во Британија и во Франција, туку и во Европа со жестоката антиимиграциска реторика и ветувања за враќање на националниот суверенитет.
