Млекото било наменето за продажба во синџир маркети во земјата, но поради утврдената неисправност не е пуштено во промет. Двете пратки, под надзор на официјален ветеринар, се нештетно уништени на депонијата „Дрисла“
Минатата недела на граничниот премин „Блаце“ е спречен увоз на две пратки од 27 520 килограми (27,5 тони) на УХТ (пастеризирано) млеко од Косово поради утврдено присуство на афлатоксин над максимално дозволените концентрации, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Оттаму велат дека млекото било наменето за продажба во синџир маркети во земјата, но поради утврдената неисправност не е пуштено во промет.
Двете пратки, под надзор на официјален ветеринар, се нештетно уништени на депонијата „Дрисла“.
„Мострите за лабораториско испитување на двете небезбедни пратки УХТ-млеко се земени во рамки на мониторинг-програмата која инспекциските служби на АХВ ја спроведуваат на граничните премини за пратки со храна од животинско потекло при увоз во земјава“,
се вели во соопштението од АХВ.
Инаку, Агенцијата на 17 јули годинава донесе решение за воведување посебни безбедносни мерки при увоз на млеко, млечни производи, како и производи што содржат згуснато млеко и млеко во прав.
Со тоа се засилени официјалните контроли при увозот, вклучително и задолжителни лабораториски испитувања и проверки на усогласеноста со барањата за квалитет.
Целта, според АХВ, е на домашниот пазар да се пласираат само безбедни и квалитетни производи, како и да се обезбедат фер услови за конкуренција и заштита на домашните производители и потрошувачите.
