Осомничениот на идентичен начин ги избегнувал давачките кон државите, користејќи се со иста шема во сите случаи за кои денеска информира Управата за финансиска полиција. Единствената разлика била во сумите за кои одбегнал да плати данок
Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против бизнисмен од Тетово, кој се сомничи дека преку малверзации во период од 10 години затаил данок во износ од 16 085 644 денари, односно околу 262 000 евра.

Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Тетово, а се донесува на лицетот Б.Ф., сопственик и управител на четири локални фирми – „Бибај груп ДООЕЛ експорт-импорт“ Тетово, „Бибај ДООЕЛ“, „Про Тире ДООЕЛ“ и „Раен ДООЕЛ“.
Според Финансиската полиција, осомничениот делото го извршил во периодот од 2013 до 2023 година, кога, како што се наведува во соопштението:
Извршил серија истородни противправни дејствија со цел намалување на даночната основа за пресметка и плаќање на данокот на добивка, со што сторил кривично дело даночно затајување.
Инаку, според соопштението осомничениот на идентичен начин ги избегнувал давачките кон државите, користејќи се со иста шема во сите случаи за кои денеска информираше Управата за финансиска полицијата. Единствената разлика, била во сумите за кои одбегнал да плати данок.
Како што наведуваат од Финансиска, осомничениот бизнисмен кривичното дело го вршел така што од една од фирмите префрлал пари кон себе како физичко лице или, пак, кон друга од фирмите чиј сопственик и управител е.
Овие средства, односно пари, бидејќи не биле враќани во законските предвидените рокови, тој не ги евидентирал во даночните биланси како непризнаени расходи за даночни дели, односно не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по стапка од 10 отсто.
Дополнително, тој, според Финансиската полиција, не извршил отпис на ненаплатените, неотужени и застарени побарувања од купувачи во земјата и побарувања по основ на дадени позајмици постари од три години.
„Со тоа за износот од 46 740 281 денари не пресметал, не пријавил и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во износ од 4 674 028 денари, како и примените позајмици од третопријавеното правно лице Друштво за производство, транспорт, трговија и услуги ‘Бибај ДООЕЛ експорт-импорт’ Тетово во вкупен износ од 30 865 886 денари, кои биле примени пред 2020 година. Не ги вратил и не ги отпишал, постапувајќи спротивно на член 363 од Законот за облигациони односи, според кој се застарени и треба да се отпишат и приходуваат по истекот на третата година, со што не извршил зголемување на приходот во билансот на успех и прикажал помала даночна основица во поднесената завршна сметка и даночниот биланс за данок на добивка во висина од 30 865 886 денари. На тој износ не е пресметан и платен данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во висина од 3 086 588 денари. Со горенаведените дејствија првопријавениот Б. Ф. во корист на второпријавеното правно лице Друштво за производство, транспорт, трговија и услуги ‘Бибај гроуп ДООЕЛ експорт-импорт’ Тетово, не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во вкупен износ од 8 130 479 денари“, се наведува во соопштението од Управата за финансиска полиција.
Ова затајување осомничениот го сторил во текот на 2022 и 2023 година, а користејќи ја истата шема, тој не ги подмирил даночните обврски и во периодот од 2013 до 2018 година, исто така со фирмите „Бибај“ и „Бибај груп“.
Според Финансиската полиција, осомничениот за сметка на фирмата „Про тире“ во текот на 2023 година застарените обврски по основ на примени фактури од „Бибај груп“ кои биле настанати и евидентирани пред 2020 година, не ги подмирил и не ги отпишал за да прикаже помала даночна основица.
Идентичен, како што информираат од Финансиска, бил случајот и со фирмата „Раен“, со единствена разлика во сумите кои не биле евидентирани за да се избегне данок.
„Со горенаведените противправни дејствија, Б.Ф. со намера да ја намали даночната обврска за утврдување на данок на добивка со цел да одбегне плаќање на данок во периодот од 2013 до 2023 година не пријавил, не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10 отсто во вкупен износ од 16 085 644 денари“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.