До 17 часот, во Тетово гласале вкупно 32 718 граѓани. Само пред две недели, кога освен за градоначалник се гласаше и за советници, до 17 часот на гласање беа излезени 27 364 граѓани или 5 354 луѓе помалку.
Во Тетово се води тесна битка за градоначалничката функција меѓу актуелната градоначалничка, кандидат на ДУИ, Теута Арифи и Билал Касами, лидерот на партијата Беса.
Во Тетово, како и во 43 други општини низ земјата, денеска се гласа за градоначалник. Како и на многу други места, одѕивот на гласачите е поголем отколку во првиот круг, и покрај тоа што на 17 октомври се гласаше и за советничките листи. Но, она што е интересно за Тетово, е што има најголем раст на бројот на гласачи што гласале до 17 часот, споредено со другите големи општини кои не се во Скопје.
Податоците на Државната изборна комисија покажуваат дека до 17 часот во Тетово гласале околу 40 % од запишаните избирачи. Во првиот круг, до 17 часот, на гласање излегоа значително помалку, 33,8 % од избирачките.
Во апсолутни бројки, во првиот круг до 17 часот гласаа 27 364 гласачи. Сега, до 17 часот, гласале 32 718 граѓани или значителни 5 354 повеќе.
Што би можел да значи зголемениот интерес, засега е рано да се прогнозира. Но, има две претпоставки. Едната е дека ДУИ успеала да ги мобилизира сите потенцијални гласови за Теута Арифи да го добие третиот мандат. Другата е дека Билал Касами и Беса успеале да привлечат нови гласачи по „мртвата трка“ од првиот круг.
На гласањето на 17 октомври Теута Арифи доби 11 138 гласа. Билал Касами доби 10 496 или само 462 гласа помалку.