Месеци со најзагаден воздух биле јануари и февруари кога имало по 22 дена надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ-10 честички на кубен метар за 24 часа
Во Тетово лани имало 94 дена со загаден воздух, покажуваат извештаите на Државниот автоматски систем за квалитет на амбиенталниот воздух за овој град. Тоа значи дека тие денови имало надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ-10 честички на кубен метар.
Светските здравствени стандарди налагаат во една календарска година да нема повеќе од 35 дена со загаден воздух.

Месеци со најзагаден воздух биле јануари и февруари кога имало по 22 дена надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ-10 честички на кубен метар за 24 часа.
Но, загаден воздух имало и во декември, со 18 дена, во ноември со 16, како и октомври со шест. Во април имало само еден ден со загаден воздух.
Од мај до септември немало ниту еден ден кога се надминала граничната вредност на штетните ПМ-10 честички.
Здравствените власти велат дека и најмалите концентрации на ПМ-10 честички се штетни по здравјето.
Во земјите од Европската Унија прагот на штетните ПМ-10 честички е поставен на 25, за разлика од кај нас, каде границата е 50 ПМ-10 честички на кубен метар.
Во 2023 година во Тетово имало 89 дена со загаден воздух, во 2022 година 108 дена. Во 2021 година – 132 дена, а во 2020 година 138 биле со загаден воздух.
Најкритичен бил воздухот во Тетово во 2015 година, кога 350 дена имало високо присуство на штетните ПМ-10 честички.