Просечната плата во државата расте затоа што се отпуштаат работници со ниски примања, оценуваат од опозициската партија
Во изминатата година 52 илјади работници во земјава ги изгубиле своите работни места и својата егзистенција, според податоците што ги пласира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатата 2020 година е една од најтешките економски години во историјата на државата поради пандемијата, но најмногу поради незнаењето и неснаоѓањето на оваа криминална влада. Нема странски директни инвестиции, животниот стандард секојдневно опаѓа, им се кратат пензиите на пензионерите, мали бизниси секојдневно се затвораат, Македонија стана најзадолжена земја, а само фамилијата на власт се богати и живее убав живот“,
се наведува во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти податоците што ги презентира ВМРО-ДПМНЕ, министерот за економија Крешник Бектеши, во ноември минатата година, повикувајќи се на податоци од Агенцијата за вработување, соопшти дека околу 15 илјади граѓани останале без работа поради ковид-кризата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, велат дека просечната плата се зголемува поради тоа што, главно, се отпуштаат работници со минимална или со плата пониска од просечната.
„На сметка на овие отпуштања се зголемува просечната плата во Македонија. Да кажеме дека постојат тројца вработени, од кои двајца земаат по 20 илјади денари и едниот зема по 10 000 денари. Значи вкупно имаме 50 илјади денари. Делено на три имаме 16 600 просечна плата. Ако работникот со најниската плата ја изгубил работата, остануваат оние со 20 илјади денари плата. Сега имаме двајца вработени со по 20 илјади денари плата. Кога ќе се соберат, се добива 40 000 денари поделено на два се 20 илјади денари просечна плата“,
објаснуваат од опозициската партија.