Разговорот се претвори во расправија за природата на американската поддршка за Украина, но и за тоа дали Зеленски покажал доволно благодарност за помошта од САД. Трамп и Венс наизменично му префрлаа на Зеленски оти не е доволно благодарен и го обвинија оти ризикува да започне Трета светска војна
Во тензична атмосфера помина средбата меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на САД, Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во Овалната соба во Белата куќа.

Разговорот се претвори во расправија за природата на американската поддршка за Украина, но и за тоа дали Зеленски покажал доволно благодарност за помошта од САД. Трамп и Венс наизменично му префрлаа на Зеленски оти не е доволно благодарен и го обвинија оти ризикува да започне Трета светска војна.
Трамп го обвини украинскиот претседател дека покажал непочитување кон САД – земјата што ја поддржала Украина многу повеќе отколку, како што рече, што многу луѓе велеле дека треба.
„Со сета почит сум за вашата земја“, рече Зеленски.
На ова се вмеша потпретедателот Венс:
„Дали кажавте ‘благодарам’ еднаш цела оваа средба?“
„Многу пати“, рече Зеленски.
„Не, дали во целата оваа средба кажавте ‘благодарам’? Отидовте во Пенсилванија и водевте кампања за опозицијата во октомври. Кажете неколку зборови на благодарност за САД и претседателот кој се обидува да ја спаси вашата земја“, му возврати американскиот потпретседател.
Трамп се надоврза оти Украина е во голема неволја.
Во дел од разговорот Зеленски изјави дека САД на крајот ќе ги почувствуваат последиците од војната.
На ова, видно исфрустриран, Трамп му возврати:
„Не кажувајте ни што ќе чувствуваме. Вие не сте во позиција да диктирате што ќе чувствуваме. Ќе се чувствуваме многу добро и многу силни.“
Трамп рече дека е време конфликтот да заврши, а оти Русија е подготвена за тоа.
Коментирајќи ги зборовите на Зеленски дека сè уште не е подготвен да стави крај на вооружениот конфликт, Трамп го потсети дека Украина останува без војници. Рече оти „шефот на режимот во Киев“ си поигрува со животите на милиони луѓе и ризикува да започне Трета светска војна.